Првиот солист на Балетот на Народно позориште во Белград Александар Илиќ ги привршува пробите за балетската претстава „Пепелашка“ во Националната опера и балет (НОБ) во Скопје. Илиќ, кој е и кореограф, професор и основач на Институтот за уметничка игра, како и директор на Културниот центар во Белград, го поставува балетот од Сергеј Прокофјев како современ балет во три слики. Премиерата е закажана за 19 ноември, а улогите ги играат: Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Саша Евтимова, Марија Јосифовска-Ристовска, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски и Гала Кочевска, како и балетскиот ансамбл. Костимите се на Катарина Радошевиќ-Галиќ (Хрватска), сценографијата на Филип Коруновски, адаптацијата на музиката на Георг Драушник  од Хрватска, а асистенти на кореографот се Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија)

„’Пепелашка’….И живееја среќно до крајот на животот, затоа што љубовта е во воздухот….но, пред тоа би требало и да се запознаат….Во еден мал, но познат град, на главниот плоштад, каде што се наоѓа споменико Вила Срце, се среќаваат пријатели, се заљубуваат момчиња во девојки, оџачарот прави пауза во својот распоред, а едно девојче по име Пепелашка во нежните дланки, носи куфер преполн со соништа. ..Дали приказната имаше среќен крај, тоа тогаш не го знаеше ниту Вилата Срце, бидејќи сите девојки загубија по еден чевел, верувајќи во своите желби и соништа. Сите живееја среќно до крајот на животот, но и подолго, по оваа приказна. Многу, многу среќно, бидејќи Love is in the air“, најавува НОБ.

 

Со Александар Илиќ пред премиерата разговаравме за претставата, подготовките, инспирациите, балетот, кореографијата, предизвиците и музиката воопшто, впечатоците од Скопје, приватноста…

Во Македонската опера и балет подготвувате премиера која на 19 ноември ќе биде прикажана пред публиката. За што станува збор?

Станува збор за познатата бајка на Браќата Грим, „Пепелашка“, која ја сместивме во еден современ кореографски амбиент. Во новата поставка, во изведба на балетот, нашата Пепелашка е малку поместена во однос на бајковито поставеното либрето, но во секој дел од претставата ја задржав оригиналноста и пораката на оваа позната бајка. Кога директорката на Балетот, Олга Панго ме повика да ја работам претставата, сакаше на публиката да и ја претставиме во модерен контекст. Сигурен сум дека успеавме да ги зачуваме карактеристиките на главните ликови (Принцот, Маќеата, сестрите), но и продонесовме кон ново естетско толкување на бајката. Раскошните костими, кои припаѓаат на времето во кое го сместивме дејствието на приказната го направи Катарина Радошевиќ Галиќ, костимограф од Хрватска (асистентка на костимографот е Анѓела Богеска), сценографијата е на Филип Коруновски од Македонија, дизајнот на звук го изработи Георг Драушник од Хрватска, а дизајнот на светло ќе го работи Милчо Александров. Мои асистенти се Мојца Мајцен од Словенија и Саша Ефтимова, која ќе ја толкува улогата на главната самовила.

Македонската публика ќе има можност да види една поинаква верзија на „Пепелашка“. Како ја замисливте?

Нашата Пепелашка е сместена во нешто поблизок временски период за нас, поточно во седумдесеттите години, во време на премиерата на познатиот филм „Брилијантин“ (Grease на Рендал Клајзер, а во главните улоги настапија Џон Траволта и Оливија Њутн Џон), кога младите девојки носеа лелеави здолништа, исфенирани коси со трака, а момчињата за чешлаа косата со патец. Тоа беше време кое најдобро е опишано во стиховите на познатата песна на „Бјело дугме“-„Битанга и принцеза“, или во нашиот случај принцеза и мангуп. Кога најголем настан е излегувањето на училишни игранки, или, кога единствен императив било дружењето, љубовта и мастики. Раскажувајќи ја на овој начин Пепелашка, самата бајка ја доближивме до нашето време, а на децата и помладите генерации, кои се наша главна публика им го направивме поинтересно ова дело. На крајот не отстапив од оригиналниот синопсис, од музиката на Прокофјев и сето она што се главни карактеристики на оваа бајка, а тоа е љубовта, и дека добрината ќе го спаси светот…И живееја среќно до крајот на животот, баш, баш среќно, бидејќи како што вели и самиот поднаслов на претставата „Љубовта е во воздухот“.

Дали за прв пат работите поинаква кореографија на овие стандардни приказни или тоа и друг пат Ви било предизвик?

Сметам дека кога веќе имаме можност или прилика треба секогаш да го прифатиме и да се обидеме да направиме нешто поинаку, посовремено, поинтересно. Зошто, по не знам кој пат би правеле претстава која би била копија или барем приближно иста со некои други продукции. Кога имаме можност некое дело да го претставиме и во поинакво светло, ајде да го прифатиме предизвикот. На крајот, не смееме ни да ја потцениме нашата млада публика. Тие денеска со своите интереси или концентрација се далеку пред нас, малку постарите, кога ние сме биле на нивна возраст. Векот во кој дигиталниот простор стана апсолутно составен дел од животот, не можеме по којзнае кој пат на публиката да и прикажеме класика на начин кој веќе е надминат. Моите претстави секогаш се одликуваат со доза на инфантилност, во голема мера циничен хумор, но не керефеки (глупирање) и јасна порака или цел на делото. Кога ќе се свртам зад себе, имам впечаток дека секогаш тежам кон поинакви решенија во своите претстави. Се разбира дека е важно да ве прифати публиката и да ве поддржи, но никогаш не сум создавал со цел да и се додворам на публиката, токму спротивното, да ги предизвикам во тоа што на сцената го делам со нив. Некогаш успева, некогаш- не, како и во другите животни околности.

Раскажете ни како тече Вашиот процес на работа? Како подготвувате една кореографија?

Јас сум од оние кореографи кои својот процес со играчите го почнуваат со студиозно образложение и претставување на делото, каде, како, зошто…Што е нашата порака и по кој пат ќе се водиме во прераскажувањето на некое дело. Доаѓам подготвен, со јасен инпут на кореографскиот материјал, кој во соработка со играчите го инплементирам во претставата. Не сум љубител на импровизации, односно обиди дека нешто само од себе ќе се направи, ретко кога ми успеало такво нешто, просто морам да го контролирам секој сегмент од процесот на работа. Но, над се најважна ми е атмосферата во текот на работата со играчите, и со сите останати кои ќе се свртат во тој наш круг на креација. Неизоставна ми е комуникацијата, покрај со асистентот и со костимографот, со сценографот, а подоцна и со дизајнерот на светло. Главно, веќе на првите проби, кога ќе добијам впечаток дека играчите имаат доверба во тоа што го создаваме, тогаш и самиот се чувствувам сигурно, и знам дека полека одиме кон целта, односно по патот на креативноста и заокружувајќи ги идеите на нашето дело.

Што најчесто ги советувате помладите колеги?

Како што некаде веќе го споменав ова, моите помлади колеги се денеска неколку светлосни години пред нас, па и пред мене. Тоа се луѓе кои побрзо и поинаку размислуваат за животот. Па дури понекогаш инстантно. Никогаш нема да ја заборавам реченицата „ Ако не е на Инстаграм – тогаш не се случило“. Токму за тие нови пространства говорам. Ние некогаш имавме имагинарен свет на фантазијата, а тие денеска тој некој имагинарен простор сепак го реализираат во реалноста на некој дигитален простор. Идејата, фантазијата се проектира во некаква материјализирана нестварност. Комплицирано?! Се трудам да учам од нив, бидејќи нивните идеи и размислувања се многу порадикални од оние кои ги поседував на нивна возраст. Па сепак, и таквите попуштаат, ја губат самодовербата, а тоа кај уметникот, или кај човекот е од најголема важност или стратегија. Важна е одговорноста кон работата или уметноста, храброст идеите да не се сведуваат на популистички, туку современи свежи проекции. Публиката секогаш ќе ни биде верна, некогаш нешто ќе сака повеќе, а некогаш нема да разбере, или всушност нема да и се допадне. Но, всушност токму тоа е важен сегмент на созревање на уметникот, да го препознае критичкиот однос на јавноста кон својата уметност. На крајот, нешто што е правило што никогаш не застарува- почитување. Да се почитуваат своите колеги, и да се биде воспитан се најважниот совет за помладите колеги. Тоа никогаш нема да биде надминато и застарено. Колку што се почитуваш себе си, двојно почитувај го своето опкружување.

Што претставува за Вас балетот? Дали од секогаш негувавте љубов кон оваа уметност?

За мене музиката и играта се неодвоив дел од мојот живот, од најмала возраст, па еве последниве 25 години професионален живот. Од уписот во музичко-балетското училиште, неброено пати се прашував што би било доколку поинаку размислував, дали воопшто ќе ме имаше? Балетот е возвишена вештина на животот која со бројни одрекувања на играчите има дава улоги на некое посебно овоземско битие. Еден поет напишал дека „балерината оди на прсти, затоа што му е поблиска на Бога од другите човечки битија на планетата“. Токму така, за мене уметноста на класичниот балет е привилегија во која опстануваат и живеат оние најдобрите, они кои му се блиски на Бога.

Кој е Александар Илиќ приватно? Како го поминувате слободното време? Каква музика слушате? Што сакате да читате? Имате ли омилен писател или музичар?

Не знам дали многу се разликува Александар во балетската сала и надвор од неа. Подеднакво се смеам, си играм, му се радувам на животот, на времето поминато со колегите, семејството, пријателите. Ја сакам и ја чувам својата приватност во која не самувам, туку се регенерирам понекогаш и без да размислувам за било што. Сакам цвеќиња, го сакам својот дом, сакам да пеглам (хахаха), сакам да пишувам честитки и разгледници. Приватно Александар е еден едноставен и досаден Сремец, роден и израснат во Шид.
Поради бројни обврски, немам многу време за читање, но имам свои пунктови во станот каде по една книга, па како што некој прати три, четири серии на телевизија, успевам да фатам момент да прочитам по неколку страници од секоја книга во зависност од тоа каде се наоѓам во куќата –нема да ви откријам кои се тие скриени делови од куќата, бидејќи едниот од нив е најинтимен токму за читање поезија.
Томас Ман е мој омилен ненадминат писател, волшебник, а од музика во зависност слушам се. Во кафана слушам тамбураши кои ме враќат во родниот крај на мојата непрегледна рамница на Војводина и ги нарачувам песните на Звонко Богдан.

Имавте ли идол од балетската уметност кој Вам ви бил инспирација?

Се разбира дека сум имал, и денеска имам свои идоли во балетската уметност. Кога сте млад уметник н почетокот на кариерата, вие сте опседнати подеднакво и со уметниците, и со педагозите кои ве создаваат. Подоцна тоа стануваат кореографите, омилените претставу, компаниите, театрите. Денеска, кога веќе сум во зрели години се трудам да говорам за уметници кои сега ги отвораат вратите на своите ѕвездени кариери, па благодарение на работата во МОБ сепак ќе речам дека сум опседнат со талентот и професионалноста на балерината Христина Наќевска пред која, би рекол без размислување, е блескава и плодна кариера, а допрва ќе говориме за нејзините успеси.

Како гледате на состојбите во уметноста и културата по пандемијата? Научивме ли нешто од неа?

Научивме брзо да се адаптираме и повторно да станеме исти како пред неа. Во текот на пандемијата, со бројни проблеми, ситуација дека сме соочени со непријател пред кој немавме ни можности ниту одговор како да се заштитиме, се случи едно духовно прочистување. Па и покрај светската изолација на некој чуден начин масовно обединување – барем на кратко на целата планета. Застанаа војните, застана омразата, животот и добрината станаа единствени референци. Уметноста како духовна храна на дигиталните пространства даваше утеха во неброените денови на неизвесност и паника. Покрај медицината и нашите борци лекарите, уметниците станаа втор ред војници кои на моменти ја спасуваа планетата и пружаа поглед на некој друг поубав свет кој ни е оставен во наследство.
Таа особина со која сме родени или имаме вроден ген, многу брзо ја заборавиваме, па алчноста и желбата за успех, надоместоци или некои други периферни цели повторно не заслепеа. Ретки се оние кои и пред и по пандемијата останаа искрени кон животот и кон себе. Се надевам дека и јас останав во таа група сонувачи.

Колку време ќе престојувате во Скопје? Дали прв пат сте во Македонија? Какви Ви се впечатоците?

Во Скопје ќе останам до премиерата на „Пепелашка“, а потоа се враќам на моите обврски во Белград. Како активен играч во Македонија сум гостувал неколку пати, тоа беа прекрасни гостувања со претставата „Кој тоа таму пее“, „Охридска легенда“, „Фауст“, а потоа како кореограф на публиката и ги претставив своите современи претстави „Реминисценција“ и „Гранд Хотел“. Секогаш сме имале одличен прием кај македонската публика, но и неверојатна поддршка во театрите каде што сум гостувал, почнувајќи од лицето на пријавница, реквизитерите, тон, светло мајстор, до самата публика. Тоа почитување секогаш ќе го носам како убав спомен од мојата професионална работа во Македонија. Се надевам и на некој идна соработка со колегите од МОБ, по нашата „Пепелашка“. Скопје исклучително ми годи енергетски, сакам да откривам нови места во градот, имате прекрасни ресторани, уживам во традиционалната кујна, луѓето на улица секогаш се љубезни. Ја чувствувам блискоста на нашата историја и припаѓање на менталитет кој не поврзува. Би сакал така да остане засекогаш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.