Нема повеќе билети за претставата на Словенско младинско гледалишче на режисерот Томи Јанежич „Сè уште без наслов“ која трае десет и пол часа, рече Русе Арсов, в.д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) кој денеска објави дека 44. издание на Млад отворен театар (МОТ) почнува в петок, на 13 септември со со победникот на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор „Оваа зграда (на)вистина зборува“ во МКЦ во 20 часот. Словенците се во кино „Фросина“ од 11 часот.

Проектот е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино Култура“ и двојазична публикација. По отворањето следува „Девојчето со жиците“ на малата сцена на НОБ. Драма-опера напишана од Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска за виолинистка, која патува со воз низ Европа.

Арсов, кој ја најави програмата на фестивалот, рече дека ќе се изведат претстави од осум држави, а дека буџетот е 6,5 милиони денари, од кои 3 милиони се од Град Скопје.  Годинашното издание на МОТ се одржува малку порано од стандардниот термин, од 13 до 21 овој месец.

Третата фестивалска вечер на МОТ, 15 септември почнува со „Трите сестри“ од Васил Христов работена по мотиви на Антон П. Чехов. По неа програмата продолжува во Кино Култура со два перформанси од проектот „Што е кореографија?“ на центарот Локомотива. „Дримстејт“ од Валентино Апостоловски – состојба на намалена свесност, во која околината е перципирана како во сон и „Мунлајт“ од Александар Георгиев и на Дарио Барето Дамас од Шпанија – кореографски проект фокусиран на поетски структури, сценско изведбено истражување на дисперзирани значења, како прилагодлива реалност.

„Човековиот срам“, првично изведуван во затворот во Матера, Италија е закажан за четвртиот ден на МОТ, 16 септември. Петтата фестивалска вечер е за авторот и режисер Борут Шепаровиќ со жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“. А по неа, на малата сцена на НОБ, Игор Вук Торбица ќе ја постави претставата „Бакхи“.

Железничката зграда ќе биде домаќин на шестиот ден на МОТ за проектот „Сè е во парите“ во режија на Борис Бакал. Следува романската „Момчињата на Медеја“ на малата сцена на НОБ, во продукција на „Apollo 111 Theatre“. Вечерта ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“ – драмски текст на Роланд Шимелфениг, во режија на нашата Зоја Бузалковска со музика на „Фолтин“ кои ќе бидат дел од претставата. Поставена е речиси во сите поголеми и поважни театри, одиграна на многу јазици.

„Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин ќе се изведе народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. Претставата е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од највлијателните и најконтроверзните драмски автори во модерната драматургија.

Португалската театарска компанија „Arena Ensamble“ ја отвара седмата фестивалска вечер со претставата „Привремени фигури“ во МКЦ. По неа следува премиерата на „Несоодветно за работа“ на Драмски театар во режија на Доналд Ворен Мофет, а автор на истата е Луси Кирквуд.

Фестивалската програма завршува со „Чист град“ од експерименталната сцена на Националниот театар во Атина – Анестис Азас и Продромос Циникорис со приказна за петте чистачки кои станаа театрални хероини.

Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за Греми, „кумови“ на алтернативното кабаре – Tiger Lillies со едно посебно шоу, славејќи 30 години во бизнисот.

Билетите за сите претстави до 12. септември ќе можат да се купат по промотивна цена од цена од 200 денари, освен за претставата на „ Сè уште без наслов“ и концертот на „Tiger Lillies“ кои во тој период ќе можат да се купат по цена 350 денари.

За претставата „Злосторството на 21 век“, која се игра во Велешкиот театар, цената на билетите ќе биде 200 денари со организиран автобуски превоз од Скопје.  За оние што немаат потреба од организиран автобуски превоз, цената на билетите е 100 денари само на касата на Велешкиот театар.

МОТ ќе се случува на шест сцени низ Скопје, Национална опера и балет, Кино Култура, Железничка зграда, Театар Комедија, сала Фросина – МКЦ, Дансинг сала – МКЦ и Драмски театар и една во Велес – Театар Јордан Хаџи Констатинов Џинот.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РСМ и Градот Скопје.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.