„Недела на дизајн во Скопје”, (Skopje Design Week) оваа година е под мотото ментална хигиена, алудирајќи на тоа дека негувањето на продуктивноста и иновативноста не треба да се случува само околу Неделата на дизајн, туку преку целата година.

СДВ има амбициозна агенда да ги „зарази” сите да се грижат подобро за себе со тоа што во погон ќе ја стават својата ментална сила во насока на конструктивност и иновативност за големиот број на проблеми со кои се соочуваме секојдневно. Тоа е единствениот начин преку кој ќе се спротивставиме на сивилото, прозаичното и некреативното окружување. Тоа се нашите вода и сапун за превенција од ментална нечистотија. За оваа цел СДВ иницираше клуб за ментална хигиена кој на самиот почеток брои 20 членови од различни бранши: графички дизајн, издаваштво, моден дизајн, театар, музика, архитектура, филм, медиуми, јога, продукт дизајн…кои ќе делуваат во своите кругови. Членовите се познати на македонската јавност преку заедничките црти, а тоа се автентичност, оригиналност и иновативност, а клубот е отворен за сите други кои се приклучуваат на мисијата на оваа платформа, велат од СДВ.

Новото издание на Неделата на дизајн во Скопје  се отвора на 27. ноември и ќе трае до први декември, но и пред а и по самиот фестивал организацијата не запира со активности.

Го основавме клубот на ментална хигиена со иницијалната група на членови кои ќе дадат поддршка во концептот да бидеме ментално над површината и да не потпаѓате под нивото на некои стандарди. Клубот нема да заврши со затворањето на СДВ, туку ќе се зголемува во бројот на членови и активности со цел да ја задржиме менталната чистота во нашето општество. Од тие причини се охрабруваат граѓаните на Македонија да ја следат платформата www.ministryofpleasure.net да се приклучат што поскоро кон клубот на ментални хигиеничари, изјави Тамара Георгиевска, менаџер на СДВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.