Во рамки на „Недели на унгарска култура“, Амбасадата на Унгарија во Скопје и издавачката куќа „Икона“ организираат промоција на книгата „Спокој“ од унгарскиот писател и фотограф Атила Бартиш.

Атила Бартиш (1968) е унгарски писател и фотограф, роден во Трансилванија, Романија. Од 1984 година живее во Будимпешта, а од 2014 година често престојува во Индонезија. Првиот роман го објавува на дваесет и седум години, а досега најголем успех постигнува со романот „Спокој“ (2001); според кој е снимен истоимениот филм. Неговите книги се преведени на повеќе јазици. Неговите фотографии се дел од многу самостојни и групни изложби

Наратор на романот „Спокој“ е писателот Андор Вер. Романот започнува со погребот на мајката на Андор. Петнаесет години живеат заедно во ист стан од кој таа одбива да излезе, петнаесет години мора да одговара на нејзиното прашање „Каде беше сине?“ и нејзината општа мизантропија. Сестрата на Андор, Јудит била талентирана виолинистка, ѕвезда која пребегнува на Запад – бега од сопствената мајка и комунистичкиот систем. Нејзиното одбивање да се врати го продлабочува јазот меѓу неа и мајка ѝ, а со тоа завршува и актерската кариера на мајката. „Спокој“ е роман на трагични човечки односи, лажни писма, погребани празни ковчези, големи и необични љубови. Роман за станувањето писател.

Атила Бартиш е еден од најинтригантните унгарски писатели. Неговото семејство било во немилост на режимот на Чаушеску и биле принудени да се пресели во Будимпешта. Атила Бартиш е и успешен фотограф. За романот „Спокој“ објавен во 2001 година ги добил наградите „Тибор Дери“ и „Шандор Мараи“. Ова е второ гостување на Атила Бартиш во Македонија, по гостувањето во 2017 година и промовирањето на неговиот последен роман „Крајот“ во издание на „Или-Или“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.