Од 26 до 30 јануари во Кинотеката на Македонија ќе се одржи „Недела на австралиски филм“.

Златната ера на современата холивудска филмска продукција е незамислива без дузина актери, режисери и останати професионалци на значајни креативни позиции во чии лични документи како место на раѓање е запишан некој град токму од Австралија.

Долга е раката на австралиските филмски режисери во холивудските филмски студија, кои по успехот во кинематографијата на родната земја направија уште поголем светски успех: Питер Вир, Џорџ Милер, Брус Бересфорд, Филип Нојс, Џилијан Армстронг, Баз Лурман, Фред Шеписи, Расел Малкахи или Пи Џеј Хоган (Peter Weir, George Miller, Bruce Beresford, Phillip Noyce, Gillian Armstrong, Baz Luhrmann, Fred Schepisi, Russell Mulcahy, P. J. Hogan) се само најпознатите имиња.

Уште подолга е листата на успешни и популарни актери со австралиско потекло. Питер Финч, Рејчел Ворд, Кејт Бланшет, Брајан Браун, Џефри Раш, Хит Леџер, Џуди Дејвис, Пол Хоган, Никол Кидман, Тони Колет, Ерик Бана, Расел Кроу, Џејсон Донован, Хју Џекман, Дејвид Венам, Гај Пирс, Хуго Вивинг, Грета Скаки, Џеки Вивер, Миа Васиковска, Маргот Роби, Бен Менделсон, Џема Ворд (Peter Finch, Rachel Ward, Cate Blanchett, Bryan Brown, Geoffrey Rush, Heath Ledger, Judy Davis, Paul Hogan, Nicole Kidman, Toni Collette, Eric Bana, Russell Crowe, Jason Donovan, Hugh Jackman, David Wenham, Guy Pearce, Hugo Weaving, Greta Scacchi, Jacki Weaver, Mia Wasikowska, Margot Robbie, Ben Mendelsohn, Gemma Ward) се дел од неа, а претходно секако и ветераните Ерол Флин (Errol Flynn) од Златната ера на Холивуд, Чипс Раферти, Чарлс Тингвел, Бил Хантер, Џек Томпсон (Chips Rafferty, Charles Tingwell, Bill Hunter, Jack Thompson).
Дури и кога на одјавната шпица на филмовите ќе ги сретнеме имињата како Мел Гибсон (Mel Gibson, Американец), Сем Нил (Sam Neill, Новозеланѓанец) или Наоми Вотс (Naomi Watts, Британка), сè некако сме убедени дека и тие се Австралијци, заради печатот што го имаат оставено како актери во австралиски филмови, вели Стојан Синадинов.

26 ЈАНУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.
ЦРНИОТ БАЛОН
(The Black Balloon)
Игран филм, Австралија
2008, 97 мин., колор, ДСП
Режија: Елиса Даун (Elissa Down)
Сценарио: Елиса Даун, Џими Џек (Elissa Down, Jimmy Jack)
Улоги: Риз Вејкфилд, Лук Форд, Тони Колет, Џема Ворд, Ерик Томсон (Rhys Wakefield, Luke Ford, Toni Collette, Erik Thompson, Gemma Ward)

Младиот Томас треба да наполни 16 години. Неговиот татко е воено лице, мајка му е бремена, а братот Чарли е аутистичен. Томас тешко наоѓа „привремени“ пријатели поради честото селење на семејството, но и поради тоа што мора да се грижи за братот и да преземе голем дел од домашните обврски кога мајка му е хоспитализирана заради бременоста. Во новото училиште тој веќе има симпатија –Џеки, со која имаат заеднички часови по физичко воспитување. Но братот Чарли, со сета негова посебност и индискретност, е постојано негова сенка, дури и кога Томас сака да се прошета со Џеки насамо или кога таа доаѓа да го посети дома. На Томас, едноставно, му е смачено од Чарли и тешко му е да прифати дека тој никогаш нема да се промени, дека секогаш ќе зависи од него и од родителите. Не само што мора да ја прифати одговорноста на подолг рок, туку и да се помири со непредвидливото однесување на братот, како и со реакциите на луѓето околу нив – без разлика дали ја одобруваат или не различноста на неговиот брат. Предизвиците за тинејџерот Томас се големи, но затоа неговото семејство е посебно, посплотено и единствено.


27 ЈАНУАРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.
ЏИНДАБАЈН
(Jindabayne)
Игран филм, Австралија
2006, 123 мин., колор, ДСП
Режија: Реј Лоренс (Ray Lawrence)
Сценарио: Беатрикс Кришчн, според расказ на Рејмонд Карвер (Beatrix Christian, Raymond Carver)
Улоги: Габриел Бирн, Лора Лини, Дебора Ли Фурнес, Џон Хауард, Крис Хејвуд (Gabriel Byrn, Laura Linney, Deborra-Lee Furness, John Howard, Chris Haywood)

Во малото гратче Џиндабејн, поранешниот тркач со автомобили, Стјуарт, работи на бензинска пумпа. Неговиот брак со Клер е стерилен, без емоции и страсти, и иако се сега заедно, тој сè уште не може да ѝ прости што таа го напуштила веднаш по раѓањето на синот. Стјуарт е и страствен риболовец, и заедно со пријателите и колеги Карл, Роко и Били често ги поминува викендите на кампување и во риболов. Едно петочно попладне, додека четворицата другари кампуваат во зафрлено и малку населено место, во реката ќе најдат мртво тело на млада абориџинка. Тоа што понатаму ќе го направат, односно нема да го направат, ќе предизвика гнев кај нивните сограѓани, особено меѓу абориџинската заедница. Нивното пријателство исто така е во опасност и секој момент може да се претвори во непријателство. И бракот на Стјуарт и Клер е пред распаѓање, бидејќи таа се обидува да ги разбере мотивите за неговите постапки, но и да најде начин да му се извини на семејството на убиената абориџинка.


28 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
ЦРВЕНИОТ ПЕС
(Red Dog)
Игран филм, Австралија
2011, 92 мин., колор, ДСП
Режија: Крив Стендерс (Kriv Standers)
Сценарио: Даниел Таплиц, според романот на Луис Де Бернијер (Daniel Taplitz, Louis de Berniѐres)
Улоги: Џош Лукас, Рејчел Тејлор, Џон Бечлор, Ноа Тејлор, Коко (Josh Lucas, Rachel Taylor, John Batchelor, Noah Taylor, Coco)

Во едно мало рударско гратче, возачот Томас со својот камион ќе довезе нарачана статуа, но ќе биде изненаден од глетката што ќе ја затекне. Група посетители на локалниот паб се снебива околу еден пес кој изгледа како да е на умирање, а присутните сакаат да му ги скратат маките со тоа што ќе го убијат од сожалување. Додека тие се расправаат, Томас ја дознава приказната за песот авантурист кој се возел и со автобус и со воз, кој немал „постојан“ стопан, но имал „омилени“ пријатели-луѓе, и кој е речиси заштитен знак на рударското гратче. Имено, песот сите го знаат, со сите комуницира и се дружи, и секој од нив има по некоја анегдота или случка доживеана со црвениот пес.

ЦРВЕНИОТ ПЕС е филмска верзија на вистинската приказна за легендарниот пес познат во цела Западна Австралија, кој долго време талкал од место во место, наводно барајќи го својот сопственик. Песот во медиумите е познат по бојата на крзното, за него биле напишани неколку новинарски статии и три книги, а неговата статуа денес е поставена во рударското гратче Демпиер.


29 ЈАНУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ЧИНИЈАТА
(The Dish)
Игран филм, Австралија
2000, 101 мин., колор, ДСП
Режија: Роб Сич (Rob Sitch )
Сценарио: Санто Силауро, Том Глајзнер и други (Santo Cilauro, Tom Gleisner, etc.)
Улоги: Сем Нил, Кевин Харингтон, Том Лонг, Патрик Ворбартон, Елајза Шонерт (Sam Neill, Kevin Harrington, Tom Long, Patrick Warburton, Eliza Szonert)

По многу години, Клиф Бакстон ја посетува фармата за овци и тука му навираат спомените од минатото. Тој се присеќава на возбудените локални власти, на слабата струја, загрижениот претставник на НАСА, непредвидените ветрови, на една романтична љубов и сето она што се случувало на фармата за време на слетувањето на првиот човек на Месечината. Во таа 1969 година австралиската опсерваторија Паркс е вклучена во мрежата опсерватории кои треба да примат и да реемитуваат сигнал од видео-пренос за сите 600 милиони гледачи на Земјата да имаат можност истовремено на своите тв-екрани да ги следат случувањата на Аполо 11. Радио-телескопот е постојано опкружен со овци, а техничарите кои го опслужуваат се обидуваат да го одржат во исправна состојба, функционален, за да не потфрлат ниту тие ниту „големата чинија“ за време на преносот. Сепак, се случуваат низа пропусти, атмосферата зоврива и избива кавга помеѓу локалните техничари и човекот на НАСА. Ситуацијата станува комична, а меѓусебните обвинувања се аргументираат со помош на културолошките разлики помеѓу Австралија и САД. ЧИНИЈАТА е инспириран од вистинскиот настан.


30 ЈАНУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
РОМУЛ, МОЈОТ ТАТКО
(Romulus, My Father)
Игран филм, Австралија
2007, 104 мин., колор, ДСП
Режија: Ричард Роксбург (Richard Roxburgh)
Сценарио: Ник Дрејк, според мемоарите на Рајмонд Гаита (Nick Drake, Raimond Gaita)
Улоги: Ерик Бана, Коди Смит-Мекфи, Франка Потенте, Мартон Чокаш, Расел Дајкстра (Eric Bana, Kodi Smit-McPhee, Franka Potente, Marton Csokas, Russel Dykstra)

Ромул е по потекло Романец од Војводина, кој заедно со сопругата Кристина, Германка, во доцните 1950-ти години од Австрија се исселуваат во Австралија. Но, имигрантскот живот во ветената земја не онаков каков што го замислувале, особено не за Кристина, која не сака да живее на фарма, па ќе ги напушти сопругот и синот Рајмонд и ќе замине во поголем град, со друг маж.

Светот на малиот Рајмонд е исполнет со сиромаштија, емотивни лузни, конфузија и неразбирање на односот помеѓу возрасните. Мајката му недостасува, но е исплашен од менталната состојба и очајот на татко му. Ромул, чие поведение е под влијание на високи морални вредности, се обидува на синот да му надомести за отсутната и депресивна мајка и со него да изгради нераскинлива врска исполнета со љубов и доверба.

Пред таткото и синот и нивниот обид да живеат нормален и стабилен живот се испречуваат низа пречки, пред сѐ хоспитализацијата на Ромул, но нивната приврзаност и посветеност еден на друг се неисцрпни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.