Од денеска до 18 мај се одржува третото издание на Фестивалот на грчки филмови. Во разговор со Небојша Јовановиќ, креаторот на Фестивалот проговоривме за состојбите со пандемијата, условите за одржување фестивали, соработката на културен план итн.

Оваа година Грчкиот филмски фестивал ќе го има своето трето издание. Колку е покомплицирано или поедноставно да се реализира еден ваков храбар проект денес после само 4 години од основањето на овој фестивал и после сите политички промени и турбуленции низ кои поминаа двете земји?

-Благодарам за можноста да прозборам и да го претставам овој проект кој го работам со висок ентузијазам и полно срце.
Многу интересно прашање. Кога ќе размислам убаво, сепак можам да кажам дека јас искрено не чувствувам некоја голема разлика помеѓу атмосферата овие денови и таа 2017-та. Радосен сум и среќен на целата поддршка која ја имам и ја добив и тогаш и денес, како од професионалците од Грчката амбасада во Скопје, така и од моите колеги и драги пријатели од Грција.
Можеби единствената разлика е таа што во 2019-та Грчката амбасада и Грчкото министерство за надворешни работи и официјално застанаа зад проектот.
Јас најмногу се радувам на публиката која со ентузијазам и отворено срце доаѓаше на проекциите на филмовите со што покажавме висок степен на цивилизираност и почит кон странските културни идентитети.

Беше ли предизвик да се конципира програмата за фестивалот?

-Со оглед на тоа што фестивалот се реализира во ТВ формат, составувањето на програмата бараше посебен ангажман. Еден добар дел од новите филмови се недостапни за ТВ емитување. Сепак, со посредство на личните контакти со грчките продукциски куќи и автори, успеавме да конципираме многу солидна програма на која сум навистина горд. Програмата содржи филмови од златната ера на грчката кинематографија, преку првиот филм на холивудската режисерска ѕвезда Јоргос Лантимос, па се до филмови од најновата грчка продукција.
Филмовите се стилски и жанровски разнолики иако сепак доминира црната комедија како жанр, преку што мислам дека оваа програма ќе биде многу атрактивна.

Вие сте директор и на Меѓународниот филмски фестивал на дебитантски филм „Киненова“, а зад вас е и успешната реализација на телевизиски формат на минатогодишното издание на овој Фестивал на телевизија 24 ВЕСТИ. Сега овој фестивал го пласирате на Телевизија АЛФА. Зошто изборот падна токму на ТВ АЛФА?

-Станува збор за чисто професионални причини. Проектот беше понуден на повеќе телевизии и можам да кажам дека кај повеќето имаше силен интерес за соработка. Но, земајќи ги во предид сите аспекти важни за сите партнери на фестивалот, телевизија АЛФА поуди такви услови што ги исполнија сите критериуми кои беше потребно да се исполнат.
Можам да кажам дека оваа медиумска куќа буквално ни ги отвори ширум своите врати и ги даде сите свои ресурси на располагање на фестивалот. Огромна благодарност до целиот тим на Телевизија АЛФА, но и на целиот тим на фестивалот, а особена благодарност сакам да изразам до Дипломатската канцеларија за односи со јавност во Грчката амбасада во Скопје, и специјално на господинот Константинос Прокакис за целосната и безрезервна поддршка која ја дадоа на овој проект.

Иако фестивалот создаде традиција, сепак се одржува биенално или на секои две години, сметате ли дека е реално возможна блиска комуникација со взаемна почит на двата народи во областа на културата, па и генерално во сите области?

-Убеден сум во тоа затоа што гледам многу убави и позитивни примери. Постојат многу млади прогресивни уметници, но и луѓе од други области на кои треба да им се даде шанса и во двете општества да креираат подобар контекст од овој кој егзистира денес. Контекст кој ќе создава обединувачки идеи и проекти, а не конфликти и негирања. Друг доказ дека сепак комуникацијата помеѓу двете земји и општества е жива се официјалните ко-продукции кои моментално се случуваат во областа на филмот и другите уметнички дејности.

Сметате ли дека е возможно да се организира ваков или сличен настан за промоција на македонската кинематографија во Грција?

-Искрено многу верувам дека тоа можеби може да се случи наскоро. Верувам во грчкиот народ, а особено верувам во грчките уметници кои треба да се охрабрат и да се впуштат во ваква авантура во каква што се впуштив и јас. Низ годините сретнав прекрасни уметници и интелектуалци од Грција за кои знам дека имаат огромна почит кон нашата земја и култура, а тоа е одлично за нов почеток.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.