Дела од  класичниот романтизам исполнети со многу фантазија и чувствителност во кои се вткаени елементи на чешкиот народен фолклор донесе вчеравечер гудачкиот квартет „Вихан“ настапувајќи на Чешката вечер во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Оваа традиционална вечер се оддржува во соработка и со поддршка на Амбасадата на Чешка во Скопје, а честа да ја отвори и да ги најави уметниците од висок ранг ја имаше чешкиот амбасадор во земјава, Мирослав Томан.

Не смееме да се фокусираме исклучиво на пандемијата, мора и да живееме. Затоа мислам дека е важно да се поддржи културната соработка, дури и во овие тешки околности. Мислам дека најдобриот доказ дека не се откажуваме е нашето присуство овде оваа вечер.Многу ѝ благодарам на министерката за култура  на Република Македонија која е вечерва со нас. Многу ја цениме вашата поддршка и соработка со нас. Исто така искрена благодарност и до  организаторите на фестивалот „Охридско лето“ за нивните покани до чешките уметници. Во 61-годишното постоење на овој фестивал, чешки уметници настапувале 15 пати, а „Вихан“ квартетот во кој уживаме вечерва е овде по вторпат, рече амбасадорот Томан.

 

Чешкиот гудачки квартет „Вихан“ кој има светска репутација изведе композиции за ваков состав од Беджих Сметана, Антонин Дворжак и Богуслав Мартину.

Настапував на фестивалот „Охридско лето“  пред 27 години. Од тие моменти најмногу во сеќавање ми остана акустиката на црквата „Света Софија“ во која и тогаш музицирав. Акустиката е прекрасна, навистина извонредна, особено за камерна музика. После толку години не го паметам репертоарот, но добро ја запаметив оваа црква, убавината овде,  гостопримството на луѓето и како концертот ѝ беше уживање на публиката, рече виолинистот Леош Цепицки.

Исто колку што уживаше фестивалската публика синоќа во впечатливиот концерт, уживаа и чешките уметници на концертниот подиум изведувајќи ги делата на програмата.

Во септември требаше да настапиме во Јапонија, но и неколкупати во Обединетото Кралство, но сѐ е презакажано за во иднина заради моменталната состојба со пандемијата, рече Јакуб Цепицки.

Синоќешниот концерт на гудачкиот квартет „Вихан“ во рамките на традиционалната Чешка вечер  на „Охридско лето“ го проследи и министерката за култура на Република Македонија, Ирена Стефоска.

Чешката амбасада во оваа пригода, пред влезот на катедралната црква „Света Софија“ подготви и мала изложба поточно репродукција на исклучителниот мозаик  на Светите Кирил и Методиј  кој неодамна беше изложен во базиликата „Свети Хостин“ во Моравија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.