Драмскиот театар во Скопје видно се распаѓа, а вработените и публиката молат и преколнуваат за нова театарска зграда, надлежните си молчат, а претставите и понатаму се одржуваат… За тоа колку е објектот во лоша состојба зборува и предупредувањето, поточно натписот кој со денови стои на неговите стаклени ѕидови “Опасност од кршење на стакло“ и “Ве молам не поминувајте покрај стаклата“. Од она што за жал, може да се види на самото место, состојбата е навистина алармантна, стаклените фасадни ѕидови се распукани, до некаде лепени, но пукнатините и понатаму зјаат. Ништо подобро не е и во внатрешноста на објектот.

Пред само една година од покривот течеше вода како од “нијагарини водопади“, а поплавени простории на овој објект за кои вработените велеа дека се како “лебедово езеро“, беа постојана слика. Актерите и останатиот кадар, пак, и понатаму живеат крпен живот чекајќи нова зграда во која и тие и публиката нема да стравуваат за својата сигурност, а која впрочем беше и ветувана во изминатите години. И додека директорите на Драмски се менуваат обидувајќи се секој од нив да најде какво такво, привремено решение за нормални услови за функционирање, состојбата секојдневно се влошува.

Му ја предочивме состојбата и потребата од нов театар на заменик министерот за култура кој е исто така актер, но еве сеуште ништо нема од тоа, велат вработените.

Нов објект засега не е во план, увид во сегашната состојба на Драмски е направен, но и вработените требале сами да се грижат и да го чуваат, велат од Министерството за култура.

 

извор: Вечерпрес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.