Претставата „Не ми го чепкај пивото“ вечер премиерно ќе биде изведена на сцената во Куршумли ан со почетокот од 20:30 часот, во рамки на овогодинашното Скопско културно лето во режија на Ѓорѓи Ризески.

Претставата е во продукција на Театар „ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ“ од Скопје, работена по авторски текст на актерите и режисерот инспириран по текст на Армуш Бериша Бели.

Како што посочуваат организаторите, оваа театарска комедија е можност за љубителите на уметноста и театарот низ многу смеа и позитивни вибрации, да ја согледаат сликата за луѓето во „градот”. Инспирацијата актерите ја црпат од секојдневието кое го живеат, сведочат и од себе го вадат тоа што го сакаат за ликовите. Сите ликови носат своја комплексност за илузиите и стравовите на ова време. Станува збор за современа тематика за која денес слободно може да кажеме дека е модерна.

Еротика. Љубовни интереси. Соголување. Пиштол. Секс. Дрога. Пари. Власт. Моќ. Страст. Лага.Од се по нешто во нешто што е измрдано и не вреди, но постои и ќе го видиме, вели режисерот Ризески

Настапуваат актерите Надица Петрова во улогата на Јулија, Срџан го толкува Давид Илиќ
а Слободан го игра Бобан Алексоски

Кореографијата и сценските движења се на Ирена Лозинска. Асистент на режија е Тамара Стојаноска, Сценограф е Мартин Манев. Дизајнот на плакатот го потпишуваат Александра Таушанов и Владимир Димковиќ. Камера и монтажа на видео е на Доан Доѓан.

Организаторите информираат дека согласно со објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжитело ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција, Влезот на публиката ќе започне во 20:00 часот. Претставата е распродадена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.