Книгата „Најстар стил на македонското народно пеење“ на универзитетскиот професор и етномузиколог Ѓорѓи Ѓорѓиев вечер, во 19 часот, ќе биде промовирана онлајн на фејсбук-страницата „Литература.мк“.

Книгата ја објави издавачката куќа „Арс Ламина“ и ќе може да се најде во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача преку веб-страницата. Модератор на онлајн промоцијата ќе биде етномузикологот Бранка Костиќ Марковиќ, а покрај професорот Ѓорѓиев за делото ќе говори и уредникот Филип Видиновски.

„Најстар стил на македонското народно пеење“ е опсежна студија на нашата вокална традиција и фокусот во делото е ставен на најстарите женски обредно-обичајни и трудови песни што содржат извикувања, а авторот ја расветлува генезата, формата и содржината на поставените прашања од оваа проблематика.

Ѓорѓиев е прв доктор на музички науки на ФМУ во Белград од неговото постоење, а и меѓу првите во поранешна Југославија, со огромно искуство и широк опсег на истражувања. Тој е и основоположник на одделот по етномузикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Главен предмет на неговиот истражувачки авторски опус е развојот на македонската песнопојна традиција. Оваа публикација е адаптација на неговата докторска студија и претставува исклучително важна придобивка за македонската научна етномузиколошка мисла.

„Во ‘Најстар стил на македонското народно пеење’, Ѓорѓиев се нурнува длабоко во предисторијата на македонското народно пеење, реликтните форми што содржат извикување, пред сè кај формите употребувани во предисториски говори оптоварени од безброј извикувања што без сомнеж претставуваат најсигурен, убедлив и неоспорен показател за идентификација на староста на песните со извикување што го олицетворуваат најстариот стил на македонското народно пеење“, соопшти „Арс Ламина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.