Шест дена богати со многу филмови, разговори, уметност и креативност оставија зад себе 300-те учесници на 8.Филмскиот фестивал на млади „Џифони Македонија“. Охрабрени млади да зборуваат на различни теми, инспирирани од интересните теми што ги третираа филмовите од светска продукција беа гости во семејството на „Џифони Македонија“.

Дел од она што сработија учесниците од 13 земји во изминатите денови, ќе биде прикажано на церемонијата на затворањето, вечерва во 19 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката. Најактивните учесници на фестивалот ќе добијат награди од пријателите на фестивалот, а главната награда ќе биде патување за најдобрите учесници на „Џифони Италија“ 2021 година. Џифонци кои го сочинуваат жирито на фестивалот гласаа за најдобар игран филм во три категории, за најдобар краток филм во две категории, како и за анимиран филм и за најдобар краток филм од млади автори – ученици или студенти.

Најголемиот дел од програмата наменета за младите учесници се одвиваше онлајн, а во вечерните часови беа организирани пет филмски проекции во живо. Официјалната филмска програмата наменета на учесниците вклучуваше 12 долгометражни играни филмови кои се натпреваруваа во три категории, според возраста на младите учесници – членови на жирито: јуниори (од 6. до 9. одделение), кадети (1 и 2 година средно) и сениори (3 и 4 година средно).
На фестивалот учествуваа ученици од 11 до 19 години кои се дружеа со помош на новата младинска дигитална платформа youth.mk, на која беа поставени сите фестивалски содржини. Создавањето на новата младинска дигитална платформа беше овозможено со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Платформата овозможи фестивалот, со сите негови разновидни и интерактивни активности да се одржи онлајн, а по завршувањето на фестивалот, платформата ќе им биде наменета на младите љубители на филмската уметност и ќе биде место каде што ќе се објавуваат аудио-визулени креации на младите македонски и странски автори. Оваа идеја произлегува од сознанието дека бројни сегашни и поранешни учесници на „Џифони Македонија“ активно работат на создавање на аудио-визуелни содржини: анимирани и кратки филмови, долгометражни филмови, па дури и серии. Целта на „Џифони Македонија“ е да им понуди место каде ќе можат сите тие содржини да ги споделуваат со своите врсници и со пошироката публика.
На фестивалот учествуваа 50 странски учесници кои програмата ја следеа од своите домови. Дел од нив – петнаесеттемина учесници од Италија, ја следеа програмата од киносала во нивниот град Џифони. Тие беа вклучени во програмата „Виртуелна гостопримливост“ и секој гостин од странство имаше по еден свој домаќин меѓу македонските учесници.

Во петте дена беа организирани осум креативни работилници, како и една еднодневна за готвење. На џифонци им се обрати и Клаудио Губитози, основач и извршен директор на фестивалот „Џифони Италија“, кој годинава одбележува 50 години од основањето.

На последниот ден од програмата, мастер-класови одржаа јутјуберот Стефонатор и режисерката Ана Андовска, која го претстави нејзиниот филм „Малечка“. Стефонатор го позајми гласот на главниот лик во данскиот филм „Хакер“. Филмот, за чија синхронизација се погрижи „Катевеј“, беше прикажан синоќа, а од 1 октомври ќе биде во редовна кинодистрибуција. Андонова ја третираше темата на малолетни бракови и предизвика голем интерес за дискусија кај учесниците на фестивалот.

Мастер-класови одржаа и: Леон Ристов, Сергеј Сарчевски и Мартин Чичовски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.