„Медена земја“ ја освои наградата за најдобар дебитантски документарец од американските филмски критичари, а главниот лик од филмот, Атиџе Муратова, ја доби наградата за највпечатлив лик на „Critics’ Choice Documentary Awards“ кои синоќа се одржаа во Бруклин, Њујорк.

За најдобар документарец беше прогласен „Аполо 11“, кој освои и најмногу награди – вкупно 5. Наградата за најдобар режисер ја поделија Питер Џексон за „Тие никогаш нема да остарат“ и Џулија Рајхарт и Стивен Богнар за „Американска фабрика“.

Наградите ги доделува Здружението на филмски критичари, во кое се претставени повеќе од 300 филмски критичари од САД и Канада и се сметаат за едни од најверодостојните прогнозери за Оскар наградите, каде „Медена земја“ е македонски кандидат во категоријата интернационален филм.

„Медена земја“ викендов беше номиниран и за Европските филмски награди за 2019 година кои ги доделува „Европската филмска академија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.