Кореографката и танчерка Каролин Карлсон е годинешната добитничка на Наградата за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот „Менада“, на фестивалот Танц Фест Скопје 2021.

Со прифаќањето на наградата од оваа легендарна уметничка, Танц Фест уште еднаш ја потврдува својата позиција на извонредност на светската танцова сцена и заложбите за развој на современиот танц кај нас, но и наша презентација низ светот, соопштија денеска од Танц Фест.

Каролин Карлсон е кореографка и танчерка. Таа во 1974 година доби покана да работи во Париската опера, со специјално креирана титула за неа „звезда-кореографка“ и добива простор за развој на своите идеји преку театарската истражувачка група „GRTOP“ (Groupe de Recherches Théâtrales / Paris Opera Theater Research Group).

Во 2006 година добитник е на „Златен лав“ од Биеналето во Венеција, со што станува првата кореографка чија работа е наградена со оваа престижна награда.

Каролин Карлсон е добитник на ордените на Република Франција „Commander of the Ordre des Arts et des Letters“ и „Officer of the Légion d’Honneur“.

Во својата долга кореографска и танчерска кариера настапува на многу светски сцени. Образованието го стекнува на Универзитетот во Јута, за потоа да се пресели во Њујорк каде се запознава со работата на Елвин Николај, во чија компанија настапува од 1965 до 1971 година и чии идеји ги пренесува кога доаѓа во Париз.

Во 1999 година Кралсон го основа „L’Atelier de Paris“ а во 2014 година ја оснива „Каролин Карсон танцовата компанија“. Каролин Карлсон активно работи и патува низ целиот свет со своите креации и истражува нови форми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.