На последната вечер од изложбата на дела на реномираниот македонски сликар Владимир Георгиевски, во Музејот на град Скопје, 1 февруари (среда), во 20 часот, ќе настапи Ана Кондратенко, концерт-мајстор и солист во оркестарот на македонската Филхармонија, како и на оркестарот F.A.M.E.‘S Project во Скопје.

Уживајте во уште една, последна за сега, средба со сликите на Георгиевски, како и во исклучително музичко доживување, велат организаторите.

Владимир Георгиевски (1942 – 2017) е еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници. Студирал сликарство на Академијата за ликовни уметности во Белград, кадешто завршил и постдипломски студии во класата на професор Младен Србиновиќ, во 1970. Покрај активното творење, меѓу 1980 и 2017 работел и како професор по сликарство, пластично обликување, историја на уметност, сценографија и костимографија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, како и на Интернационалниот универзитет “Еуропа Прима“ во Скопје. Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата во 2013, награда за животно дело од ОСТЕН во 2014 и титулата Doctor Honoris Causa во 2017 од Интернационалниот универзитет “Еуропа Прима“ во Скопје. Владимир Георгиевски исто така создал наградувани сценографски и костимографски решенија за бројни театарски претстави и неколку играни филмови во Македонија и во земјите на поранешна Југославија. Самостојни излагања имал во Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петербург. Како член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија учествувал и во многу групни изложби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.