Стихозбирката „На погрешната страна“ на Пајо Авировиќ, ќе биде промовирана денеска (среда, на 26-ти февруари), во Музеј на македонската борба, од 19:00 часот. Книгата ќе ја претстават Sвездан Георгиевски и Владимир Мартиновски.

Стихозбирката „На погрешната страна“ е своевиден амалгам на вештината на управување со зборот на авторот и насобраната мудрост, пренесена преку кристално чисти и бескрајно хумани пораки. Стиховите на Авировиќ никого нема да остават рамнодушен. Тие удираат директно во стомакот и срцето, при тоа интензивно делувајќи врз мозочните клетки. Со други зборови, „На погрешната страна“ го има оној непроценлив квалитет, неопходен за секоја врвна уметност – ве тера на размислување, при тоа приредувајќи ви непроценливо естетско искуство – вели Sвездан Георгиевски во рецензијата за книгата.

Пајо Авировиќ е роден во Скопје во 1966 година. Дипломирал ориентална филологија во Сараево и работел на универзитетите во Сараево и во Белград. Бил постојан соработник на неделникот „Пулс“.
Од 1997 година е во македонската дипломатска служба, каде што извршува повеќе одговорни функции, во МНР и во дипломатско-конзуларните претставништва во странство. Службувал во Париз, Њујорк и Тел Авив.
Автор е на романот „Џахиз и истребувачите на кучиња“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2005 година. „На погрешната страна“ е негова втора книга и прва збирка поезија.

„Гледано од брегот
Морето е поделено на две бои:
Блиску до нас луѓето е црно
Како да ги испило сите валканици на светот
Од средината е веќе небесно сино
Далеку од нас е вистинско море
Црно за луѓето сино за галебите
Што вреди и да сме на вистинската страна на историјата
Кога сме на погрешната страна на морето“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.