Актерите Марјан Георгиевски, Никола Пројчевски, Живко Борисовски, Васко Мавровски и Петар Спировски, утревечер на матичната сцена во Битола премиерно ќе ја одиграат театарската претстава „На отворено море“ на Славомир Мрожек, во адаптација и режија на Благој Мицевски.

Станува збор за познат текст на Мрожек поставуван на многу сцени низ светот, којшто се врзува со најголемата трагедија на патниците во бродот „Титаник“, а битолските актери го поврзуваат со денешното време и актуелни теми.

– Текстот е актуелен и посочува на тоа како човекот во одредено време треба да најде сила, да и погледне на вистината во очи и да се соочи со тој процес и ситуации во кои често се наоѓаме, а не можеме да си ги објасниме. Живееме во еден современ свет во кој има разни современи болести, тоа може да се сфати метафорично но и реално. Треба да се преживее. Но, нас не интересира како основните позитивни човекови вредности како што се пријателството, емпатијата, пожртвуваноста, помошта, љубовта … да се одржат во реалниот живот, истакна режисерот на претставата Мицевски.

На прес конференцијата во Битола, директорот на НУ Народен театар Иван Јерчиќ информира дека по премиерата на „На отворено море“, на 8 април премиерно ќе биде изведена претставата „Ако останеш дома“, а наскоро почнуваат подготовките за уште еден театарски проект со работен наслов „Лажеш“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.