Од денеска до среда, во Кинотеката ќе се одржува шестото издание на Фестивалот на европската литература „Книжевни ѕвезди“, под слоганот „BOOKSTAR-29 vs COVID-19“.

Ќе има промоција на најновото издание на еден од најценетите домашни автори, книжевна дискусија која произлегува од слоганот на фестивалот и проекција на онлајн разговори со значајни европски автори, чие физичко присуство, за жал, не успеавме да го реализираме поради актуелната состојба, вели организаторот, издавачката куќа „Антолог“.

Денеска во 17:30 часот ќе биде претставена првата странска гостинка, поетесата Јоланда Кастањо од Шпанија, која на македонската публика ѝ е позната како учесничка на Струшките вечери на поезијата. Популарната шведска авторка Софија Лундберј потоа ќе зборува за своето творештво, предизвиците да се пишува во време на пандемија и за своите љубовни романи „Црвениот адресар“ и „Прашалникот е половина срце“, кои се објавени на македонски јазик во издание на „Антолог“.

Двете промоции ќе се одвиваат онлајн, а ќе бидат проектирани пред публиката во Кинотеката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.