Фестивалот „Охридско лето“ вечерва носи „Музички времеплов“ на кларинетистот Андрија Минчиќ кој ќе настапи заедно со Тадија Минчиќ на фагот и во соработка со пијанистот Никола Цветковиќ. Концертот на српските уметници ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во 21 часот гостува Македонскиот народен театар (МНТ) со претствата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.

Улогите ги играат: д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања – Никола Ристановски, Катарина, неговата сопруга – Звездана Ангеловска, Петра (нивната ќерка), наставничка – Дарја Ризова, Ејла, нивната средна ќерка – Јана Вељановска, Мортине, нивната најмала ќерка – Ана Арсовска, Петар Стокман (брат на лекарот), градоначалник и претседател на управниот одбор на бањата – Благој Веселинов, Мортен Кил (потатко на Катарина), кожар – Петре Арсовски, Ховстад, уредничка на „Народен гласник“ – Сашка Димитровска, Билинг, соработник на „Народен гласник“ – Александар Михајловски, Аслаксен, сопственик на печатница – Нино Леви и Капетан Хорстер – Мартин Ѓоргоски.

Сценографијата во претставата е на Вишња Вујовиќ, а костимографијата на Ивана Каранфиловска-Угуровска.

Драмата „Народен непријател“ е наменета за целата публика.

Андрија Минчиќ дипломира во класата на проф. Анте Гргин, а потоа специјализира камерна музика на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како солист настапува на преку 200 концерти во земјата и во странство и тоа во Шпанија, Грција, Бугарија, Швајцарија, Велика Британија, Холандија, Франција, Турција, Катар, Португалија и Канада во некои од најпознатите сали во овие земји, како што се: „Концертгебау“ во Амстердам, „Палата на музиката“ и театарот во Барселона, „Тонхале“ во Цирих, „Аудиторио“ во Мадрид и др. Носител е на стипендија доделена од градот Ниш и на повеќе градски награди од областа на културата и уметноста. Во март 2013 година ја започнува педагошката кариера како доцент на одделот за дувачки инструменти на Факултетот за уметности во Ниш каде предава кларинет и група други предмети. Како саксофонист свири повеќе различни жанрови: џез, фанк, поп, електронска музика, а член е на Нишкиот Биг Бенд оркестар и други ансамбли.

Тадија Минчиќ е роден во 1990 година во Ниш и започнува да учи фагот со проф. Мирко Исаески (ФМУ Белград) а дипломира и магистрира во класата на проф. Еберхард Маршал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Минхен. За време на студиите добитник е на 12 први награди на различни национални и интернационални натпревари и остварува солистички настапи со Симфонискиот оркестар од Ниш и со Камерниот оркестар од Солун. Од 2021 година тој е ангажиран како прв соло- фаготист на Симфонискиот оркестар на РТС во Србија како и во Филхармонијата во Дортмунд.

Пијанистот Никола Цветковиќ дипломира и магистрира на Факултетот за уметности во Ниш во 2013 година. За време на студиите учествува на бројни натпревари во земјата. Како соло уметник и камерен музичар настапува во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Белгија, Полска, Чешка, Словенија, Португалија, Русија, Канада, Катар, Украина и Латвија. Во 2017 година со дозвола на шведскиот бенд „Кататонија“, тој го издава албумот „Цветковиќ свири Кататонија- колекција на песни за соло пијано“ по што добива одличен одзив од почитувачите на нивната музика од целиот свет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.