Програмата на годинешното издание на „Охридско лето“ за денеска го нуди концертот на Дуото „СолиПс“, со флејтиската Елена Стојческа и гитаристот Роман Петио.

Дуото формирано во 2011 година има настапувано на сцени и на фестивали во Франција, Белгија, Чешка, Италија, Русија и Босна и Херцеговина. Од нивните настапи се издвојуваат „Маскфест“ во Сан Марино, „Форфест“ во Кромериц, Интернационалните фестивал „Сараевска зима“, настапот во Музејот на Скрјабин во Москва, настапот на Неделата на класична музика во Лавоар, во Музејот за уметности во Брисел итн…

Камерниот состав флејта – гитара го привлекува вниманието на композиторите уште на средината од 20 век, од времето на Астор Пјацола и неговата „Историја на тангото“.

Дуо „СолиПс“ свири главно музика создавана во 20 и 21 век од страна на композитори како што се Доина Ротару, Масимилијано Месиери, Тору Такемицу, Венсан Еро, Лоренс Шеер или Едисон Денисов. Од друга страна Дуо „СолиПс“ исто така,покажува интерес за музиката која е инспирирана од фолклорот, па така посебно внимание им посветува на дела од Бела Барток, Душан Богдановиќ, Мирослав Тадиќ, Рави Шанкар. Во 2016 година премиерно го изведуваат делото „Љубовна песна“ од Масимилијано Месиери, композиција создадена и посветена токму за нив, како и делото „Сон во сон“ за флејта, гитара, глас, вудблок и електроника. Американскиот композитор Лоренс Шер делото „Капричиозо“ за флејта и гитара го посветува на дуото „СолиПс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.