Во период од еден месец во Музејот на современата уметност-Скопје се одвиваа секојдневно бројни кураторски тури, пред се насочени кон младите генерации, средношколци и студенти, но и за сите посетители на музејот.
Кустосот Бојана Јанева – Шемова од одделот за едукација, интензивираше вакви кураторски тури, со поддршка од колешката Виолета Савевска и пред се директорката Мира Гаќина, која има сериозен пристап кон едукативната програма на музејот.
Целта на тимот на МСУ е темелно да се обучува погледот на надоаѓачките генерации како да ја восприемат уметноста, нивна постепена едукација за вистинскиот систем на вредности.
Од средното училиште СГГУ „Здравко Цветковски“ дури на десет групи ученици им беа организирани кураторски тури низ музејот. Преку 150 ученици од средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, го посетија музејот и можеа одблизу да се запознаат со курентните поставки. Студентите од четврта година по Историја на уметност при Филозовскиот факултет го посетија музејот. Од гимназијата СУГС „Панче Арсовски“ поставките ги видоа преку 100тина ученици. Од приватното училиште ПСУ „Алгоритам центар“ 100тина ученици беа запознаени со поставките и историјата на музејот, истата кураторска тура ја видоа и учениците од „Колеџ Семос едукација“, колеџ за дизајн.
„Поттикната бев, пред се, од разновидноста на изложбите кои Музејот на современата уметност-Скопје ги нуди во последно време и од изложбата на Никола Радуловиќ која беше вистинско освежување, како во својата концизност на концептот, така и со активно вклучување на публиката преку интерактивни објекти и изменета реалност во неговата уметност. Насочена бев кон средните училишта и факултети, но се понуди и активно кураторско водење за сите групи посетители во музејот. Освен изложбата на Радуловиќ, тековни изложби овој период беа и изложбата на фотографии од Жан Молитор „Баухас“, потоа изложбата „Третата страна на стварноста“ со дела од музејската колекција, поставени во еден современ концепт од независната кураторка Ивана Васева, како и изложбата реализирана со кураторки од МСУ и MоМА од Њујорк, „Скопје, одново“, која е отворена и во следниве два месеци. Задоложително во кураторските водења на изложбата е вклучена и историјата за настанувањето на музејот, огромното значење на неговата колекција на уметнички дела, како и податоци околу впечатливата архитектура на овој објект од културата. На тој начин, целта ми е на организираните кураторски тури, освен споделување информации околу изложбите и значењето на музејот, да им овозможам на посетителите и едно поинакво доживување, со цел музејот да го чувствуваат како свое место, каде ќе можат да се отргнат од градското секојдневие“, објаснува Бојана Јанева – Шемова.
Дел од едукативната програма беше и организирање „Разговор со уметникот Никола Радуловиќ“, настан од отворен карактер, каде голем број посетители можеа лично да се запознаат со авторот на изложбата и да дознаат повеќе околу неговиот процес на работа. Поради големиот интерес на ученици и студенти, едукативната програма ќе продолжи и следната година, благодарејќи на овие младешки генерации, кои нескриено покажаа заинтересираност и воодушевеност кон поставките кои ги организира музејот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.