Овој значаен јубилеј ќе биде одбележан на 12 февруари (среда) 2020 година во 13 часот со промоција на монографија „70 години Музеј на град Скопје“. Монографијата ќе ја промовира академик Вера Битракова-Грозданова.
Во монографијата, на 300 страни и со над 200 фотографии, се претставени сите значајни музејски предмети и уметнички дела од збирките на музејот, таа ги содржи и ги обединува сите значајни настани како и сите значајни печатени изданија што се резултат на работата на неколку поколенија музејски работници.
На 12 февруари на самиот влез од Музејот на предната страна на фасадата преку светлосно визуелни ефекти (3Д мапинг), ќе се промовира настанот „70 години Музеј на град Скопје“.
Исто така, на 12 февруари во Музејот на град Скопје во првата изложбена сала преку видео проекција ќе бидат претставени активности и настани од основањето на музејот до денес. Видео презентацијата преку фотографии во проекција од 360 *, за прв пат изработена на нашите простори во 3Д мапинг технологија, ќе ја опфати музејската и галеријската работа во изминатите седумдесет години поделена на декади. Во секоја декада, почнувајќи од основањето до денес, се презентира Музејот и неговата досегашна работа.
Во втората сала ќе биде поставена изложба на која ќе биде претставен дел од најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела и преглед на најзначајните настани (изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации…) и избор од најзначајните публикации во седумдесетте години од постоењето на Музејот на град Скопје.
Изложбата и аудио-визуелната презентацијата во 20 часот (12 февруари 2020 г.) ќе бидат свечено отворени со пригодна реч на градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов и директорот на Музејот на град Скопје Славко Лисичков.
Видео проекцијата по повод седумдесет години од основањето на музејот на град Скопје публиката ќе има можност да ја види само вечерта на 12 февруари, а изложбата ќе биде отворена од 12 февруари до 12 март 2020 година.
Изложбата на плакати од продукцијата на Музеј на град Скопје ќе биде јавно достапна од 14 февруари до 14 март 2020 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.