Вечерва со почеток во 20 часот ќе се одржи „Омнибустопија“-предавање, дискусија, поезија и музика.

Зборно место ќе биде автобуската постојка „Фонтана“ во Градскиот парк, 15 минути пред 20 часот. Трасата ќе биде низ следниве населби: Градски парк, Карпош 1- 4, Влае, Ѓорче Петров, Тафталиџе, Козле, Кисела Вода, Аеродром, Чаир и повторно назад, пред Градски парк.

Штом автобусот тргне, предавање, прашања и дискусија со патниците ќе имаат: Вангел Ноневски,  Ана Голејшка Џикова и Ѓоко Здравески од „Астални проекции“, кои, заедно со нивната мрежа на поетеси и поети, ќе имаат настап, сличен на оние кои своевремено ги организираа во „Менада“.

Настанот ќе се заокружи со едночасовен џез-концерт во автобусот на бендот „Светлост“, во состав Нинослав Спировски (саксофони), Дени Омерагиќ (контрабас) и Кристијан Новковски (тапани).

„Омнибустопија“ има за цел да ја придвижи културата од центарот кон периферијата на Скопје и да ги помести границите на постојните културни и уметнички случувања во градот, надвор од фиксните, востановени места наменети за слични настани. Исто така, настанот има цел да создаде можност и пристап до културата за публиката од периферните делови на градот и да понуди инспирација за слични културни случувања во иднина – објаснуваат организаторите Владимир Лукаш, Јордан Шишовски и Вангел Ноневски.

Посетата на настанот е бесплатена, меѓутоа, поради ограничениот простор, максимален број на посетители ќе биде 70.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.