Деновиве, во издание на „Дијалог“ од Скопје, се појави книгата „Мост преку времето“ од Билјана Жеревска, истакнато име од современото македонско телевизиско новинарство. Книгата содржи пет поглавја со 22 сценарија на исто толку телевизиски приказни снимени и емитувани на Македонската телевизија во текот на последниве две години, поврзани со важни настани и со актуелни теми од нашата современост, интервјуа со ексклузивни светски личности, како што е папата Франциск, и за значајни личности од науката, уметноста, културата и спортот од кај нас и од светот кои постигнале исклучителни успеси, како и патописи од интересни туристички дестинации.
Сценариајта се остварени во соработка на МРТ со Британскиот совет во РС Македонија, Амабасадата на Република Турција во РС Македонија, Македонскиот народен театар, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, Европскиот универзитет, ЕСРА, со верските поглаварства во РС Македонија и со други институции и установи.
Рецензент на книгата е Панде Колемишевски, поранешен директор на „Нова Македонија“, колумнист, публицист и фељтонист, кој укажува дека „станува збор за книга која ја насочува светлината и го става фокусот врз вистинските човечки вредности. Таа е впуштање во проверката на патот преку кој се остваруваат животните соништа на храбрите и неуморните и е креативен напор за откривање на она што е скриено од јавноста, преку потенцирање теми значајни за целата заедница и за зајакнување на духовното единство. Овие сценарија се само дел од знаците на нашето време и се мост преку времето за следните генерации“.
Авторката Билјана Жеревска дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи како уредник на емисии во Редакцијата за култура во Македонската телевизија. Авторка е на многубројни тематски емисии, интервјуа и репортажи од земјата и странство, како и на книгата „Ракопис на светлината“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.