Промоцијата на неодамна излезениот роман „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков, ќе се случи вечерва (28 ноември) од 20 часот во Клуб ресторан МКЦ.
За книгата ќе зборуваат писателките Елизабета Баковска и Калина Малеска, а свој музички перформанс ќе има и виртуозот на акустична гитара, г-нот Мухамед Ибрахими.

Желбата беше оваа промоција да се случи ден подоцна, на 29 ноември, поради симболиката и поврзаноста на датумот со приказната во книгата, но и 28 ноември, во очи на тој датум, исто така е одличен избор. Инаку, се работи за вториот роман на Младеновска Анѓелков, по дебитантскиот „Единаесет жени“, кој ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за 2011 година. Овој пат авторката ни „подарува“ нов текст во кој уште подлабоко навлегува во својата интима, раскажувајќи приказна која се протега од средината на минатиот век па се’ до денешен ден, сторија чиј заплет и (можен) расплет е нераскинлив дел од историскиот контекст во кој се случува. Младеновска Анѓелков храбро се соочува со вистината гледајќи и’ директно в очи, и создава роман кој опседнува, освојува, здоболува, во рамките на вистинската традиција на документаристичката проза на врвните мајстори, велат издавачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.