Од 21 до 26 октомври, во Кинотеката, ќе се одржи Неделата на албанскиот филм. Петдневната манифестација, реализирана од Кинотеката на Македонија и Националниот филмски центар на Албанија, на која ќе бидат прикажани по пет долгометражни и краткометражни играни филмови од поновата продукција. На отворањето ќе бидат присутни Едуарт Макри, директор на Националниот филмски центар на Албанија, и Фатос Река, амбасадор на Албанија во Македонија.

Неделата започнува со „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани, веројатно еден од најпознатите и најуспешни албански филмски автори во овој век, кој прерано почина пред две години (Тирана, 1962 – Рим, 2019). Џувани режираше девет долгометражни играни филмови, од кои на македонската публика можеби најпознати наслови ѝ се „Пароли“ и „Исток, запад, исток: финален спринт“, делумно сниман и во Македонија, прикажувани на „Скопскиот филмски фестивал“. „Моето езеро“ ја отсликува тридецениската приказна од „темната страна“ на албанското општество – трговија со дрога, насилство меѓу младите – која се повторува и повторува…

На програмата се и филмовите: „Зората“ на Гентиан Кочи – дебитантско долгометражно играно остварување на овој млад режисер, „Аманет“ – уште едно дебитантско долгометражно остварување, потпишано од Намик Ајази, „Засолниште меѓу облаци“ – втор игран филм на Роберт Будина, сестран филмаџија, кој се занимава и со филмска продукција и режија, но е присутен и во театарот, и „Делегацијата“ – успешен дебитантски наслов во албанската кинематографија, потпишан од Бујар Алимани, кој важи за еден од најталентираните млади автори.
На Неделата на албанскиот филм ќе имаме можност да видиме и кратки филмови на уште четири млади надежи на албанската кинематографија: Сокол Керај, Бенарт Лазе, Фабио Сефери и Раин Никола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.