Во еден здив, за само пет дена, додека интензивно го држела инспирацијата, авторот, сценарист и активист на социјалните мрежи Божидар Божиновски, познат како Moџо Килингтон, ја напишал својата трета книга „Уништување“. Романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовиран вчеравечер (2 декември), во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“, во присуство на многубројни гости. Станува збор за трета книга на Килингтон, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ (2019) и романот „Денот кога не се разбудив“ (2020).

Промоторката на книгата, уредничката Татјана Димовска-Атанасова, истакна дека „Моџо Килингтон во овој роман се занимава со прашањата на колку сè начини можеме да си го уништиме животот, дали заслужуваме нова шанса и дали можеме да избегаме од себеси. Станува збор за емотивен роман, брутално соголен, интензивен и напишан во филмски манир.

Првиот роман го напишав за три дена. Новиот е малку покомплициран – го завршив за пет дена. Пишувам додека ме држи некоја инспирација или енергија, можеби да си дадев еден месец ќе беше многу подолг и подобар романот, но немаше да ја има оригиналната форма и замисла, да се чита брзо и да остави емотивна трага. Финалната верзија е прва верзија, повеќе сакам романот да биде автентичен, отколку да биде добар. Затоа, не се ни навраќам да препишувам делови или да коригирам, како што било во моментот, така останува замрзнато. Инспирација за „Уништување“ беше животот и неговите чудни патишта. Приказната е за мала, може да се нарече, административна грешка, која на главниот лик му го менува животот. На подобро или не, тоа останува на личната перцепција на читателот, а сепак тој решава да ги прави сите работи и желби од кои бил лишен во стегата на моралот на средната класа и удобниот живот без многу потреси. Романот не е автобиографски. Случувањата не се вистински. Се надевам барем дека не, повеќе би биле тие човечки моменти, оние што, верувам, на сите ни се блиски, потрагата по себе, уништувањето и пропаѓањето на соништата што сме ги имале, несигурности, гревови, талкања и физички и ментални и духовни. Сите сме номади кои си го бараат домот, а ретките и среќните ќе го најдат – рече Moџо Килингтон.

Главниот протагонист во „Уништување“ е четириесет и двегодишниот доктор Јан Рајсберг, сопруг на Марија, татко на Лотар и Ана, кој еден ден дава отказ. Се гледа во огледалото во тоалетот на еден бар и се прашува: „Кој сум јас?“ Тагата повеќе сликала на неговото лице, а се чини дека среќата не ја ни допрела четката… Изгледаше… Поинаков. Тоа не беше човекот кој го знаеше. Ниту човек кој сака да го запознае. Тоа беше маска на еден минат живот на кој му стави крај кога уринираше врз фикусот на директорот на клиниката. Првата вечер кога се почувствува слободен, ја поминува во ќелија во полициската станица каде што запознава млада девојка. Следуваат ноќи исполнети со забави, алкохол, дрога и секс…

Јан е само име зад сите негови дела, секој може да биде Јан. Тоа е само име зад сите процеси на животот што ги доживуваме. Во овој случај, само еден мал дел од нив, затоа што животот како целина е преголема тема и можеме само да избереме за што ќе пишуваме. Просторно и временски, книгата е пишувана да биде и блиска и далечна на секоја публика, како да можеш да ја допреш и да најдеш сличности со секое место и време, се разбира одново, а повторно да не е никаде конкретно. Книгата не дава одговори, целта е да го доведе читателот сам да побара одговори, не за книгата, туку за сопствениот живот. Кога би бил на местото на Јан како би постапил – истакна Килингтон.

Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи. Препознатлив е по популарната македонска комична телевизиска емисија „Фчерашни новости“. Работи како сценарист на серијата „Преспав“ и ја води рубриката (Не)реално со Моџо Килингтон, во рамките на политичкиот магазин „Трилинг“ на Телевизија 24.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.