Претставата „Само глас“ по текст на Нина Плавањац на Македонскиот народен театар вечерва во 21 часот во Долни Сарај ќе биде изведена во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

„Само глас“ својата праизведба ја доживеа на 26 мај оваа година.

„Само глас“ е приказна за позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогнала да ја создаде кариерата. Останува осамена и затворена во својот стан, кој не го доживува како сопствен дом, единствено друштво ѝ прави само чудниот пајак миленик Тарантула, кој ѝ останал од поранешниот партнер.

Потрагата кон нови форми во музичкиот театар за мене како режисер и композитор секогаш е непресушна, но, исто така, потрагата кон нови драмски автори кои сè помалку ги има во вообичаената форма Talk Theatre, а посебно во формата Music Theatre, бидејќи за овој стил потребен е посебен израз и начин на пишување. Ја имав таа среќа да ја сретнам младата и талентирана Нина Плавањац која ги испиша овие чудесни зборови, реченици, страници на оваа современа приказна. Стилот во кој се движи оваа претстава навидум е драмски, но под него длабоко и слоевито музиката го интерпретира и го води дејствието. Безимената актерка е сама, потребен ѝ е глас, само глас, бидејќи тишината знае да создава болка, но тој глас ја создава драмата и емотивната апокалипса, но, исто така, тој глас неа ја освестува и ја води кон нов живот. На почетокот како монодрама, а потоа како комуникациско музичко дуо за два гласа менувајќи ги стиловите на изразување од драмски, музички до современа оперска интерпретација оваа приказна меѓу двајцата партнери кои комуницираат само преку нивните гласови, без телесни контакти, без вистинска слика како изгледаат, отвора едно ново поглавје во театарското изразување, а сепак користејќи го најстариот инструмент на човештвото – гласот!, вели режисерот на претставата е Марјан Неќак.

Ова за претставата е второ фестивалско претставување, а охридската публика и љубителите на театарската уметност годинава ќе имаат прилика да уживаат во квалитетната театарска игра на првенците од ансамблот на МНТ — Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.