Премиерата на претставата по култниот драмски текст „ММЕ кој прв почна“ на македонскиот драмски писател Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски, ќе се одржи вечерва, на сцената на Југословенско драмско позориште. Во претставата играат: Предраг Мики Манојловиќ, Мирјана Карановиќ, Јасна Џуричиќ, Бранислав Лечиќ, Јована Беловиќ и студенти на глума на Факултетот за драмски уметности. Досега на сцената на Југословенско драмско позориште се изведени драмите „Буре барут“ и „Другата страна“ од овој автор.

Дејан Дуковски е едно од водечките имиња во македонската современа драматургија. Во 1992 година на голема врата влегува во театарот во Македонија со драмата „Балканот не е мртов“, а на балканските, европските и на светските сцени две години подоцна, со драмата „Буре барут“ (1994), која е негова најизведувана драма.

Драмите на Дуковски, 16 вкупно се изведени на разни јазици на повеќе од деведесет сцени во светот, од кои само 20 се во Македонија, а 73 во други земји.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.