Пијанистката Инес Неделковска (17) постигна голем меѓународен успех на интернационалниот натпревар за млади музичари во Бон, Германија, на кој учествуваа талентирани музичари од 71 држава. Младата Инес се закити со Прва награда во категоријата пијано до 18 години, како и Специјална награда за изведбата на „Токата за пијано“ од македонскиот композитор Властимир Николовски, објави „Слободен печат“.

Како победник на натпреварот, Инес е поканета да настапи во живо на доделувањето на наградите во Куќата на Бетовен (во којашто се родил) во Бон, Германија, која сега е музеј, спомен куќа и престижна културна институција. Од исклучително значење е тоа што за првпат во Бон, во Куќата на Бетовен, Инес ќе изведе дело од македонски композитор, за кое ја доби специјалната награда.

Младата пијанистка е една од најистакнатите млади македонски музичарки. Таа е ученичка во СМУ „Тодор Скаловски Тетоец“ во Тетово, во класата на проф. д-р Нина Костова – Јаневска и под менторство на еминентниот руски педагог Људмила Романова. Инес Неделковска досега се закитила со 12 први награди на меѓународни натпревари во Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Македонија итн.

Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се „Карнеги хол“ и „Кауфман центар“ во Њујорк, „Ројал Алберт хол“ во Лондон, Театарот „Росини“ во Италија, Филхармонијата во Париз и многу други. Во рамките на познатиот фестивал „Москва ги пресретнува пријателите“, организиран од фондацијата на легендарниот виолинист и диригент, Владимир Спиваков, таа се претставила со три концерти пред московската публика.

Во организација на Музичката младина на Македонија, Неделковска има реализирано голем број солистички концерти, како и настап на фестивалите „Скопско лето“ и „Охридско лето“ (Подиум на млади).

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.