Младински културен центар (МКЦ) распишува повик за избор на шест авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Градот убав или Skopje street and art gallery 2“.

Повикот е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност.

По одлично реализираната прва галерија на отворено во рамки на еден од најзначајните објекти од современо Скопје – Градскиот трговски центар, ја продолжуваме оваа иницијатива за создавање втора таква галерија, која ќе се реализира во катната гаража „26 Јули’, велат од МКЦ.

За учество на повикот, заинтересираните треба да достават по електронски пат портфолио со претходно реализирани мурали на или во слични манифестации и опционално нивната замисла (скица) за посочениот простор.

Активностите ќе се реализираат од 20 до 22 декември 2019 година.

За реализација на делата е предвидена временска рамка од 3 дена, на еднакво распределени површини / 1 x (10m x 2.5m) + 2x (2x 2.5 m) /. Организаторот за потребите на проектот ќе обезбеди материјали за изработка на делата, храна и пијалаци во текот на работењето, фотодокументација и архивирање, како и еднакви хонорари за авторите согласно обезбедените средства, се наведува во соопштението на МКЦ.

Организаторот на 12 декември јавно ќе ги објави резултатите.

Од МКЦ нагласуваат дека нема да бидат разгледувани скици со недолична содржина, дискриминаторски пораки и навреди на која било основа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.