Младинскиот културен центар (МКЦ) и делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Македонија организираат Европско патувачко кино под отворено небо, како загревање пред јубилејното 20. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, кој го организира МКЦ.

Европското патувачко кино под отворено небо ќе се одржи од 25 јуни до 10 јули во три града – Крива Паланка, Струмица и Струга. Ќе се прикажат 12 филма – шест  европски филмови продуцирани во последните години, кои ја одразуваат европската креативност и разноликост и кои нудат по нешто за сечиј вкус и шест македонски кратки филмови, дел од нив наградувани на различни филмски фестивали и добро примени од вљубениците во филмот.

Фестивалот започнува во Крива Паланка на 25 и 26 јуни (на градскиот плоштад пред општинската зграда), потоа продолжува во Струмица на 3 и 4 јули (градскиот парк, Домот на Армијата) и во Струга, на 9 и 10 јули (Центар на култура, летна сцена).

Проекциите почнуваат во во 21:00 часот, со исклучок на завршната вечер во Струга, која започнува од 20:30 часот и ќе бидат проследени со сесии разговори со познатиот филмски критичар Влатко Галевски и неговите гости.

„Синедејс“ започна пред дваесет години, како проект на ЕУ, кога тогашната комесарка за култура Вивиан Рединг создава иницијатива за славење на европскиот филм во сите поголеми европски градови. Особено ми е драго што од тогаш до сега, тогашната идеја за „Синедејс“ само во Скопје еволуираше во вистински филмски фестивал“ – изјави на денешната прес-конференција координаторот на „Синедејс“, Маргарита Арсова.

Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ изјави дека ЕУ го поддржува „Синедејс“ од првиот ден и со претставување на оваа програма сакаат „Синедјес“ да стигне до нова публика надвор од Скопје.

Киното има огромен потенцијал да ги комуницира приказните на Европа и нејзините вредности, како што се еднаквоста, слободата на изразување, демократијата, животната средина и социјалниот момент на ЕУ. Овогодишната селекција на филмови ја рефлектира европската креативност и разновидност и ќе има филм за сечиј вкус – истакна амбасадорот Гир.

Годинешната селекција на играни филмови ги вклучува: „Хакер“ (Данска), „Патешествието на Принцот“ (Франција), „Брат ми брка диносауруси (Италија), „Рока го спасува светот“ (Германија), „Слава“ (Бугарија) и „Кожурец“ (Германија). Филмовите третираат теми што ги засегаат сите луѓе, но посебно младите денес – од темната страна на дигиталната технологија, до прифаќањето и разноликоста, животот на луѓето со посебни потреби, насилството и предрасудите, корупцијата и слабостите на граѓанското општество, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, итн.

Влезот на проекциите е бесплатен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.