ЈУ Младински културен центар е добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за особени достигнувања во културата, во линија и на својот годинешен 50. јубилеј од постоењето.

Со тоа ЈУ Младински културен центар како институција што со својата посветена работа, ентузијазам, напредно програмско дејствување и неуморност успева да биде препознаена како клучна институција во развојот на културата во својот град.

Наградата ’13 Ноември’ силно ја валидира нашата работа и секако нашата меѓународна позиција како важен фактор на домашната и на европската сцена. МКЦ со нескриена гордост ја прими ова награда, најважна за нас, бидејќи го сакаме градот и сè што правиме е во насока да овозможиме да се развива и негува живата култура. Клучот на Градот доаѓа во вистински момент за нас, за нашата публика, во моменти кога ни е потребен малку ветер во нашите едра, изјави Ванчо Богоев, директор на институцијата која повеќе од 35 години е дел од МКЦ.

Од активностите што следуваат, сè уште е во тек 47. издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ, кој се затвора на 19 ноември, а по него следува првото издание на ротирачкиот фестивал LIVEUROPE, кој МКЦ првпат ќе го организира како рамноправен член на оваа престижна мрежа на европски концертни сали.

Во подготовка е и големата прослава по повод 50-годишниот јубилеј, закажана за 28 декември 2022, денот кога МКЦ првпат ги отворил своите врати во далечната 1972 година. За тој ден се подготвува богата и изненадувачка музичка програма, перформанси, ликовна изложба и други активности со кои ќе се заокружи јубилејот 50 години МКЦ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.