Министерството за култура најостро реагира на соопштението на Агенцијата за филм на Македонија, дистрибуирано до медиумите на 27.7.2020 година, од страна на нивната ПР агенција „Навигаторс“.

Со цел објективно информирање на јавноста, потенцираме дека во наведеното соопштение Агенцијата за филм незаконски го користи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор. Воедно со соопштението јавноста е донесена во заблуда бидејќи иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура, се вели во реакцијата на Министерството за култура.

Вчера Агенцијата за филм соопшти дека инспекцискиот надзор на Министерството за култура констатира дека пријавите на Милчо Манчевски за наводен конфликт на интереси во Агенцијата за филм и на директорот Горјан Тозија се неосновани.

Агенцијата за филм соопшти дека Државниот управен инспекторат ќе и поднесе предлог на Државната комисија за спречување на коруцијата Антикорупциска да ја стопира истрагата поведена против директорот Горјан Тозија и Агенцијата за филм.

Министерството за култура, односно Секторот за управен и инспекциски надзор не е орган кој наложува запирање на истрага која е предмет на работата на друг надлежен орган – Државната комисија за спречување на корупцијата. Информираме дека Секторот за управен и инспекциски надзор, Записникот од извршен вонреден инспекциски надзор со наод на утврдената фактичка состојба во Агенцијата за филм го достави до Државната комисија за спречување на корупцијата на натамошно постапување согласно нивните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се вели во реакцијата на Министерството за култура испратена денеска до медиумите.

Претходно, Тозија на прес-конфренција соопшти дека поднел барање до Владата да не разрешуваат од функцијата директор на Агенцијата за филм.

Антикорупциската комисија покрена предмети против Тозија и иницијативата Владата да го разреши од директорката функција во Агенцијата за филм, Тозија одговори дека во ДКСК „немаат овластувања за такви работи, но имаат мотив” и дека тоа е поттикнато од режисерот Милчо Манчевски.

Тој соопшти дека поднел барање во Владата неговата функција да не заврши „како што сакаат Антикорупциска и Милчо Манчевски”.

Дали ќе ми одобрат или не, не знам. По закон, имам уште право да бидам, и ако во Владата ми ја дадат довербата – добро, ако не – ми завршува мандатот и ви благодарам многу, рече Тозија на прес-конференцијата.

За тоа како се делеле парите во Агенцијата за филм пишуваше претходно „Република“.

Се одмотува клопчето со распределбата на парите од Агенцијата за филм на чие чело е Горјан Тозија. Откако продуцентот Роберт Насков преку „Република“ го обвини за бесправна продажба на филмот „Ослободување на Скопје“ и најави кривична пријава, излегуваат нови детали како и кај кого во последниве три години завршувале „филмските пари“.

„Република“ го истражуваше овој случај и дојде до заклучок дека од парите на Тозија се „омрсиле“ и новинарот Борјан Јовановски, режисерот Игор Иванов-Изи, како и Данило Шербеџија. Сите тие имаат земено пари на различен начин и за различни проекти. Заедничко за сите нив е што се гласни поддржувачи на полтиките на оваа власт.

Македонската влада упорно молчи за навредите на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кој, пак, преку писмо до јавноста се извини на хрватскиот народ , но не и за навредите кон словенечкиот премиер Јанез Јанша, пишуваат во отворено писмо Македонците во Словенија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.