Министерството за култура сè уште го чека исходот од истрагата што ја спроведува Финансиската полиција, за поддршката на избраните проекти од Годишните конкурси за минатата година. Од министерството велат дека се прават напори за исплата на парите на корисниците за ланските реализирани проекти, стои во писменото соопштение до медиумите.

Министерството прави напори да ги исплати парите на корисниците кои ги реализирале проектите за 2020 година, од програмите за музичка и сценско-уметничка дејност, како и за фолклорна, сценско-уметничко дејност и мултидисциплинарни дејности.
Свесни сме дека ваквото пролонгирање предизвикува последици кај корисниците, затоа Министерството за култура и во овој период ги презема сите неопходни чекори за надминување на настанатата состојба.

Во таа насока, во тек е изработката на извештаи врз чија основа Министерството за култура ќе ја информира Владата за разрешувањето на оваа состојба, велат од ресорот Култура. Владата, со заклучок од седницата одржана на 9.2.2021 год., го задолжи Министерството за култура да не ги исплаќа финансиските средства на други корисници без да ја утврди законската основаност, се вели во соопштението.

Лани во ноември, министерката за култура Ирена Стефоска информираше дека една третина од буџетот за 2020 година длабоко навлегол во годинашниов буџет зашто во одредена дејност биле прекумерно трошени сретставата, така што преку прифатени жалби за одбиени проекти и преку анекси на договори сумите на доделените сретства биле зголемени.

Исплатата на одобрените проекти од Годишните конкурси за 2020 година се вршеше додека министер за култура беше Хисни Исмаили. Кога беше прозван во февруари, Исмаили демантира вршење било какви противзаконски дејствија за време на неговиот мандат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.