Министерот за култура Хусни Исмаили беше во работна посета на Штип каде направи увид во проектите кои се реализираат со поддршка на Министерството за култура.

Министерот за култура Исмаили при посетата на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Штип се запозна со активностите од областа на заштитата на културното наследство во овој град, а ги посети и трите музејски поставки: историската, археолошката и етнолошката поставка, кои содржат бројни вредни наоди пронајдени на локалитетите во овој регион.

Министерот за култура Исмаили ја посети и галеријата при црквата „Свети Никола“, каде се реализира проектот за конзервација на вредните икони, како и Хусамедин паша џамија во Штип, каде се изработени проектот за конзервација и за нејзино адаптирање во галериски простор, по што треба да следи и реализацијата на проектите. Министерот за култура Исмаили се запозна и со останатите активности за заштита на културното наследство, како и со претстојното археолошко истражување на локалитетот Баргала, како и со проектите за конзервација на мозаици на овој значаен локалитет.

Во вечерните часови, министерот за култура присуствуваше и ги поздрави присутните гости на свеченоста по повод отворањето на меѓународниот симпозиум од областа на археологијата „Рударство и археологија“, каде од 12 до 15 септември, археолози и други стручни лица од повеќе земји дебатираат за поврзаноста меѓу археологијата и рударството како важна економска гранка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.