Никогаш не треба да се откажувате и со трпение и упорност може да се постигне успех. Додека го снимавме „Медена земја“ многу учев и уживав. Годината што измина ми покажа дека целиот труд кој го вложивме вредеше, изјави Љубомир Стефанов, еден од режисерите на македонскиот документарен филм кој имаше две номинации за најпрестижната филмска награда Оскар – за најдобар документарен филм и за најдобар интернационален филм.

Медена земја“ испиша историја со тоа што првпат еден документарец доби номинација за најдобар интернационален филм.

Екипата на „Медена земја“ уште е во Холивуд и оттаму одржаа онлајн прес-конфренција за македонските новинари. „Медена земја“ е филм на Стефанов и на Тамара Котевска, продуцент е Атанас Георгиев, а кинематографери се Самир Љума и Фејми Даут.

Котевска вели дека успехот со „Медена земја“ веќе е постигнат, а тоа го докажуваат двете номинации за Оскар, нешто што според неа, нема да се повтори во скоро време и тоа треба да се запамети.

Вчера беше еден прекрасен настан што вреди да се доживее во животот. Мислам дека најбитното вчера беше за Атиџе што беше таму присутна. Ние со филмот нашето го направивме и сметаме дека успехот е постигнат, рече Котевска.

Според неа, има разлика кога се прави филм за реални ликови и поминуваш со нив четири години, и кога имаш измислени ликови.

Кога се работи со реални ликови одговорноста е многу поголема затоа што овие ликови не си заминуваат од твојот живот, тука остануваат, вели Котевска.

„Медена земја“ е филм за Атиџе Муратова, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во напуштеното овчеполско село Бекирлија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси.

Стефанов истакна дека филмот е направен на крајно ентузијастична основа и е горд е што со еден потфат, без скапи опреми, но со добра идеја и ентузијазам добиле две номинации за Оскар.

По ова патешествие од пет години, кое искрено не измори, јас лично едвај чекам да почнам да работам на нов проект. Подготвувам нешто, и секако дека овие номинации носат олеснување за понатамошно наоѓање на финансии, наоѓање копродуценти, но мислам дека најважно е домашното да се подготви и од мојата страна за да можам да го понудам. Веројатно имаме повеќе можности сега, рече Стефанов.

Според продуцентот Георгиев, филмот произлегува од индивидуалци, а пренесува универзална порака и таа порака се пренесува низ цел свет, истакнувајќи дека ја смениле историјата и начинот на гласање на целата Академија и документаристиката од сега натаму ќе се гледа поинаку.

Меѓу нас знаеме да си кажеме дека двете номинации се повеќе од еден Оскар. Не сме разочарани од тоа што не добивме Оскар. „Американска фабрика“ е одличен документарен филм и сосема е во ред што го добија Оскарот. Не треба да влегуваме во размислување за некои теории на заговор, дека Оскарот е добиен поради тоа што зад филмот стои брачниот пар Обама, но јасно е дека оние кои гласале секако биле малку пристрасни кон филм кој е американски, рече Георгиев.

Кинематограферот Самир Љума, кој заедно со Фејми Даут се потпишаа зад фотографијата во „Медена земја“ и беа наградени од Американската асоцијација на кинематографери, рече дека во изминативе три недели колку што престојуваат во Холивуд се дружеле со многу филмски ѕвезди.

Ние допатувавме во Лос Анџелес уште пред три недели заради наградата од Американската асоцијација на кинематографери. Имавме можност непосредно да се дружиме и да разговараме со многу филмски ѕвезди. Ако треба да одвојам некои, најголема поддршка ни даваа актерот Хоакин Феникс, режисерот на ‘Џокер’, Тод Филипс и кинематограферот на Мартин Скорсезе, Родриго Прието. Откако ќе слегнат впечатоците ќе објавиме фотографии од овие дружби“, рече Љума.

Атиџе утре се враќа во Македонија, а екипата која го создаде „Медена земја“ останува во странство. Тие не откриваат детали од следните проекти, но многу би сакале, ако е возможно, како вистински професионалци еден ден повторно да соработуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.