Со изложбата „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“ во која се опфатени авторите од различни генерации чии дела биле изведени на сцената на МНТ, националниот театар денеска го прославува 74. роденден. Поранешни и сегашни актери, режисери, гости, но и ученици од средно училиште беа гости на изложбата. Но, општиот впечаток е дека на роденденот отсустуваа голем дел од вработените во МНТ.

Националниот театар од самите почетоци поставува дела од македонски автори – „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски била третата премиера поставена на 16 август 1945 година, а „Дух“ на Дејан Дуковски е последната поставена претстава од македонски автор. Досега МНТ имал 400 поставени или обновени претстави, а повеќе од сто се дела од македонски автори од различни генерации, како Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Дејан Дуковски… Во секоја од нив, на различен начин се третира секојдневнието, традицијата, митовите, приказните и обичаите, вели д-р Ивана Јарчевска, која го води Музејот на МНТ и ја подготви изложбата.

д-р Ивана Јарчевска

На првиот кат на МНТ каде што е поставена изложбата е прикажано целосното оформување и поставување на драмата на македонскиот автор. Низ текстовите, фотографиите, програмите, плакатите и скиците се прикажува драмскиот напишан збор како одигран збор на сцена.

Меѓу редовните гости на секоја прослава на МНТ и премиера е Милица Стојанова, доајенката на македонското глумиште.

Не може да не се дојде во театар, оној кој е вљубен во театарот. А јас сум во театарот од 1953 година. Доживеав да ја играм Алма Малер и во овој театар. Еј, која радост беше тоа. Во претходната зграда бев актерка 11 години пред да заминам во пензија. Не смее да не се дојде во театар, особено во ваква ситуација, актерите да се видат меѓусебе. Сега помалку се гледаме, отколу во мое време, вели Стојанова (87).

За актерот Нино Леви 74 години е сосема пристојна цифра за почит.

Среќни сме што го одбележуваме. Од денешен аспект може да кажеме дека порано повеќе сме се дружеле, вели Леви.

„Надвор од умот“ е првата претстава во која играл актерот Јордан Симонов на сцената на МНТ.

Автори на текстот сме јас, колегата Александар Микиќ и на режисерот Васил Христов. Тоа беше пред 30 години. Бевме млади, ентузијасти, напишавме текст и го поставивме. Текстот беше копродукција меѓу тогашниот Дом на млади „25 мај“, сегашно МКЦ и МНТ. Убаво е вака, од време на време кога ќе видиш твое дело на плакат, твоја фотографија, дека си дел од некаква историја. Во МНТ имам преку 66 наслови. Не знам точно во колку драми од македонски автори сум играл, но знам дека сум играл во драмите на Дејан Дуковски, Чашуле, Чинго, Горан Стефановски, вели Симонов.

Актерката Снежана Конеска Руси оваа година одбележува значаен јубилеј, 45 години актерско творештво.

Кога ќе почнам да ги бројам и моите години ќе сфатам дека и мојата уметничка дејност е многугодишна. Се препознавам и се гледам во многуте проекти на МНТ, особено во делата на македонските драмски автори од кои посебно би го истакнала настапот во претставата „Студенти“ од Бранко Пендовски со кој ја прошетавме цела тогашна Југославија и добивме најдобри критики во тој период, вели Руси.

Таа играла во претставите на Ристо Крле (Антица), на Митко Манџуков (Мелница).

Манџуков има посебно место во моето срце бидејќи играв и во Народниот театар во Струмица во неговите трилогии. Би сакала овој ден, роденденот на МНТ да биде одбележан со претстава. Некогаш се подготвуваа премиери специјално за овој ден и така се одбележуваше роденденот на Театарот. Но, велат, ново време, нови идеи и оваа изложба би била добредојдена во склоп на претстава, смета Руси.

Во скоро време се очекуваат две премиери во МНТ – „Магбет“ на Нела Витошевиќ на големата сцена, и „Тик-так“ на Синиша Ефтимов на малата сцена. Премиерите за планирани за во мај. Познатиот бугарски режисер Јавор Грдев треба да режира претстава по текст на Мартин Мек Дона, актуелен британски автор. МНТ планира да го работи „Бесач“ (Hangmen). Националниот театар за 2019 има планирано седум премиери, две гостувања надовор, но се зависи од финансиите

Македонскиот народен театар почнал да работи на 3 април 1945, кога драмскиот ансамбл ја одиграл првата претстава „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во превод на Блаже Конески и во режија на Димитар Ќостаров. Историјата на МНТ почнала со првата реченица во оваа претстава: „Сонцето, колку е блиску Сонцето“, изговорена од актерката Вера Вучкова. МНТ од декември 2013 година работи во новата театарска зграда на кејот на Вардар каде што се наоѓал и до земјотресот во 1963.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.