Во август на книжевна резиденција во Скопје престојува писателката и преведувачка од Република Србија, Милена Илиќ. Во рамки на својот престој во Скопје, таа работи на српскиот превод на романот „Одбројување“ од македонската писателка Фросина Пармаковска.

Милена Илиќ (1978) е родена во Белград, каде што завршила српски јазик и книжевност на Универзитетот во Белград. Пишува песни и раскази. Својата прва поетска книга, „Хепи микро вумн блуз“, ја објавува во 2009 година. Нејзините песни и раскази се вброени во неколку антологии и прегледи на современата српска книжевност. Има учествувано на повеќе меѓународни книжевни фестивали.

За книжевната сцена во нашата земја особено е важна нејзината преведувачка активност, бидејќи во последните години активно се занимава со превод на македонските автори од помладата генерација. На македонски јазик ги има преведено книгите „Поврзи ги точките“ од Николина Андова-Шопова и „Киноутро“ (избор од поезијата) од Јовица Ивановски. Освен овие преводи, Илиќ има објавено неколку преводи на посебни раскази или избор од поезијата на неколку македонски писатели.

Во рамки на својот престој во Скопје, Милена Илиќ ќе настапи на „Астални проекции“, кој е дел од настанот „Турни ме да кинисам!“ во организација на КЦ 750. Настанот ќе се одржи во Младинскиот културен центар, на 20 август, со почеток во 20 часот. Милена Илиќ ќе учествува заедно со други девет поети и прозаисти од нашата земја.

Престојот на Милена Илиќ во Скопје е дел од книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, програма која се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.