По повод 75 години од основањето, Катедрата за славистика организира Меѓународен славистички научен собир „Славистиката во синхронија и дијахронија“. Собирот ќе се одржува денеска и утре на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и на платформата Зум.

Овој значаен настан претставува континуитет на досегашната традиција на одржување меѓууниверзитетски научни врски во три полиња: македонско-руски, македонско-полски и македонско-чешки научни истражувања од областа на јазикот, книжевноста и културата која произлегува и од договорите за соработка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со универзитетите од Русија, Полска, Чешка, Словенија, Србија, Хрватска и др. Тематската определба на Собирот е да се стави акцент на бохемистиката, полонистиката и русистиката како основни дисиплини во наставата и истражувачката дејност на нашата Катедра, соопшти Организацискиот одбор од Катедрата за славистика.

Главната цел на собирот е размена на искуства и идеи од доменот на славистиката низ призмата на современите научни истражувања со: контрастивни теми поврзани со овие три јазика и сите словенски и несловенски јазици; теми поврзани со проучувањето на словенските јазици, книжевности и култури; прилози поврзани со меѓукултурниот дијалог во словенските јазици и книжевности; традуктолошки и културолошки теми, како и со теми поврзани со иновативните дидактички методи и техники инспирирани од актуелните состојби во наставата во услови на пандемија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.