Програмата на фестивалот „Киненова“ продолжува до недела кога во 18 часот, поради голем интерес на публиката репризно ќе биде прикажан филмот „Медена земја“. Режијата е на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кинематографери: Фејми Даут и Самир Љума, монтажер/продуцент е Атанас Георгиев.
Атиџе, хероината во „Медена земја“, претставничка на јуручката заедница ја гледаме на опасниот раб од карпата, каде само таа може да другарува со дивите пчели. Токму работ навестува дека она што ќе го посведочиме како гледачи во следните 80 минути е на работ од возможното, и тоа од неколку аспекти: дека воопшто постои ваква приказна во нашата околина, дека Атиџе е последната одгледувачка на диви пчели на Стариот Kонтинент, дека филмската екипа успеала да сними ваков документарен филм, дека наши соседи се прекрасни луѓе кои и на работ од својата егзистенција остануваат она што треба да бидат – луѓе, дека во време на енормно загадување во нашите градови во нашата блиска околина имаме прекрасна природа која се надевам дека нема да ја извалкаме, дека социјалните служби, и воопшто, институциите во државава за ништо не ги бива, итн итн.
Програмата на „КинеНова“ продолжува до недела со фокус кон современата унгарска кинематографија и проекции на четири филмови во термините од 20 часот, а од 18 часот ќе има репризни проекции на филмовите од официјалната селекција кои можеби сте ги пропуштиле. Одиме по ред.
В сабота во репризниот термин од 18 часот, е проекцијата на грчкиот филм „Сожалување“ на Бабис Макридис, кој ги вознемири повеќето од гледачите по излегувањето од кинотечната сала.
Во 20 часот, уште еден талентиран унгарски режисер, Корнел Мундручо со неговиот фестивалски фаворит „Нежен син – прокетот Франкенштајн“.
И в недела, на последниот фестивалски ден, тројно задоволство:
во 18 часот, на барање на гледачите, репризна проекција на македонскиот фаворит „Медена земја“.
Во 20 часот вториот филм на Мундручо, феноменалниот и наградуваниот „Јупитеровата месечина“.
Во 22, за крај, вистинско колаче, рускиот „Човекот кој ги изненади сите“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.