Македонската академија на науките и уметностите и Кинотеката со поддршка на „Вардар филм“ денеска со два настана ќе ја одбележат 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ – прв филм на режисерот Милчо Манчевски, кој со добиениот „Златен лав“ во Венеција е и најуспешен игран филм во македонската кинематографија.

Во МАНУ напладне ќе се обратат претседателот на Академијата Таки Фити и директорот на Кинотека Владимир Ангелов, а видеообраќање ќе има и проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ.

Свои излагања за „Пред дождот“ ќе презентираат и дописниот член на МАНУ проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“, и проф. д-р Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.

Одбележувањето ќе продолжи вечер во 20 часот во Кинотеката каде што ќе биде прикажана 35-милиметарска копија од „Пред дождот“ која Манчевски неодамна ја депонираше во филмскиот архив на Кинотеката. Ќе биде промовирана и мапа со репродукции од плакати од светската дистрибуција на филмот.

На оваа вечерна средба, покрај проекцијата и промоцијата, се надеваме дека по четврт век повторно ќе се собере дел од екипата на „Пред дождот“, ќе разменат свои спомени и искуства од заедничкото учество во проектот кој прерасна во нешто поголемо од само „уште една филмска продукција“, соопшти Кинотеката, додавајќи дека актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик во филмот (Александар Кирков), го потврдил присуството на настанот.

„Пред дождот“ на Милчо Манчевски премиерно беше прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција. На 12 септември Манчевски се закити со „Златниот лав“ и со уште неколку награди, по кои следуваа триесетина награди на светските фестивали.

Филмот беше номиниран и за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија. „Њујорк тајмс“ го вброи „Пред дождот“ (1994) во листата на 1000 најдобри филмови некогаш направени.

Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.