Книгата „Манчевски: Пет есеи“ синоќа во „Лабораториум“ ги собра љубителите на филмската уметност, но и актери, режисери, музичари, филмски критичари…кои на несекојдневната сцена подготвена специјално за овој настан ја проследија целовечерната мултимедијална презентација која беше збогатена со проекција на филмови.
Настанот започна со проекција на краток филм , а потоа проф. д-р Ана Димишковска говореше заесеите на Манчевски.
Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, покрај креирањето на филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина-прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност-стварност, но и за хуманизмот којшто лежи во центарот на самата уметност – теми коишто го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста, туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење, туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка пракса. И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката пракса, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа, проф. д-р Ана Димишковска, а во продолжение делови од есеите читаа актерите Никола Ристески и Елена Кузманов.
По проекцијата на краткиот филм „Крајот на времето“, следуваше куса пауза, а присутните се подготвија за проекцијата на „Бикини Мун“.
Издавач на двојазичната книга (македонски и англиски) е Филозофското друштво на Македонија, а автор на предговорот е проф. д-р Иван Џепароски.
Книгата содржи пет есеи пишувани во различни периоди, кои се резултат на долгогодишните размислувања на Манчевски за уметноста од позиција на уметник во повеќе области (покрај филм, тој твори и во полето на фотографија, ликовни уметности, и книжевност), но и од позиција на педагог. Манчевски долги години работи како професор на постдипломски студии, прво на реномираниот Њујоршки универзитет, од каде произлегуваат Мартин Скорсезе, браќата Коен, Кери Фукунага, Клое Жао (студенти на Манчевски имаат освоено бројни награди, меѓу кои и два Оскари; режисерот на последниот филм за Џејмс Бонд е исто така студент на Манчевски), но и на државните филмски школи во Куба и во Москва, како и во Шангај, Берлин и други.
Размислувањата и анализите на Манчевски резултираат со комплексни есеи кои се претставени на меѓународни конференции. Меѓу нив се и „Засновано на вистински настан: вистина и прикаска, уметност и верба“, првпат претставена на конференцијата „Филм и вера“ во Ватикан, 2011; есејот „Зошто сакам да пишувам и мразам да режирам: исповед на еден сценарист-режисер што се лечи“ претставена на конференцијата на професори по сценарио и режија во Потсдам 2014 и есејот „Кога некој филм ‘не е доволно македонски’“ од 2022.
Kнигата на нашиот бележит режисер и сценарист Милчо Манчевски претставува несекојдневно и особено успешно понирање во тајновидниот свет на творештвото воопшто, како и на конкретното индивидуално искуство поврзано со создавањето на сопствените најзначајни филмски остварувања… Петте есеи во оваа книга не само што нè внесуваат во секогаш возбудливиот свет на авторот и на авторството, туку, едновремено, претставуваат и несомнен придонес за теоријата и историјата на филмот воопшто, како и за теоријата и историјата на македонскиот филм поодделно, и тоа од гледна точка на естетичката теорија на творештвото, како и на категоријата ‘естетско искуство’, односно ‘естетско доживување’“, вели проф. Џепароски во предговорот.
Промотивна реч за книгата ќе одржи проф. д-р Ана Димишковска, а делови од есеите ќе читаат актерите Никола Ристески и Елена Кузманов.
На крајот од мултимедијалниот настан Игор Василев-Новоградска ја заврши вечерта со музика од оригиналниот саундтрак за филмот БИКИНИ МУН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.