Најновиот филм на еден од највлијателните режисери на европската кинематографија, романецот Кристи Пују „Малмкрог“ (Malmkrog) ќе ја отвори новата секција “Encounters” на годинашното јубилејно 70 то-издание на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот “Берлинале“.

Филмот кој во официјалното соопштение од Берлиналето е наречен „патување низ времето и мислите, кој фасцинира со прецизност и инвентивност“ е копродукција помеѓу Романија, Србија, Швајцарија, Шведска, Босна и Македонија. Главен продуцент е Мандагора од Романија, како македонски копродуцент, се потпишува продуцентската куќа, „Сестри и брат Митевски“.

Кристи Пују своето најново филмско дело во кое се јавува и како сценарист, го именува по село во Трансилванија и го заснова по книгата на Владимир Соловјев „Три разговори“, а е за војната, прогресот и крајот на историјата.

Македонската продуцентска куќа „Сестри и Брат Митевски“ има историја на успешна соработка со режисерот Кристи Пују, и е копродуцент на филмот “Сиера Невада“ кој во 2016 година беше во официјалната селекција на престижниот Кански филмски фестивал.

Режисерот Пују, помеѓу другите награди, е кански лауреат на наградата “Prix Un Certain Regard’во 2005 година за филмот “Смртта на Господинот Лазареску“ и носителот на „Златната мечка“ за 2004 година за својот краток филм „Кафе и цигари“.

Продукциската куќа „Сестри и брат Митевски“ и на 69 издание на Берлинале, успешно ја престави нашата држава со учеството во официјална конкуренција на филмот на режисерката Теона Стругар Митевска „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“. Покрај тоа што ја имаше својата премиера во главната програма, филмот на Теона Стругар Митевска стана и добитник на наградата од независното жири „Ecumenical” и наградата „Guild Film Prize”.

Македонскиот филм, веќе е редовно присутен во центарот на филмските збиднувања, на најголемите и најпрестижните филмски фестивали освојувајќи бројни и значајни филмски награди и признанија.

И годинава Македонија ќе биде присутна на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм „Sundance“, од 23 јануари до 2 февруари започнува најновото издание на на кој е селектиран краткиот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски.

Според програмата за 39. издание на фестивалот , кој е основан од големиот актер и режисер Роберт Редфорд, „Налепница“ ќе игра во селекцијата Меѓународни кратки играни филмови. Филмот на нашиот млад режисер Георги М. Унковски е селектиран меѓу 5.000 пријавени за оваа програма, во која се избрани 74 филмови од 27 земји.

Да потсетиме дека на минатото издание на “Sundance” се случи неверојатниот успех на „Медена земја“. Македонскиот документарец на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов освои три награди, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за режисерите Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

На 9 февруари пак, очите на целата нација со огромна возбуда ќе бидат свртени кон Холивуд, каде ќе се одвива заокружувањето на историскиот успех на македонската кинематографија – доделувањето на најпрестижната филмска награда во светот „Оскар“ на Американската академија за филмска уметност.

Во трката по Оскарот „Медена земја“ влезе со две номинации – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм, преседан за еден документарен филм во историјата на Оскарите и за прв пат во историјата на македонската кинематографија.

Сите филмови се финансиски подржани од Агенцијата за филм на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.