Пијанистот Симон Трпчески утре ќе настапи на фестивалот „Музика Мунди“ крај Брисел со легендарниот Максим Венгеров, кој се смета за еден од најголемите виолинисти на светот, соопшти Здружението за култура и уметност „КултурОп“. На програмата се камерни дела од Моцарт, Франк, Прокофјев и Равел.

Нашето пријателство трае веќе неколку години. Уште пред 20 години нашиот заеднички продуцент од ‘Еми класикс‘, Џон Фрејзер, ни зборуваше дека еден ден треба да се споиме на сцена, аналогно на нашите музички темпераменти и менталитети. По толку долго време, спонтано доаѓа до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во нашата професија, бидејќи се работи за човек кој има создадено историја на многу млади години. Многу се радувам, изјави Трпчески за Македонско радио.

Пијанистот со светска кариeра од крајот на мај до средината на овој месец имаше богат концертен распоред со настапи во Стразбур, Софија, Санкт Петербург, Овиедо, Букурешт, Ливерпул, Монпелје и Кишињев.

Трите концерти со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар на нивната матична сцена имаа повеќе емотивни нагласки. Освен што беа прв постпандемиски настап на миленикот на британската публика во Обединетото Кралство од стартот на пандемијата, уште повеќе што значеа заокружување на соработката на „тимот од соништата“, како што англиските медиуми ги нарекуваат Трпчески, диригентот Васили Петренко и овој оркестар. Имено, со овие настапи Петренко го заврши 15-годишниот професионален предизвик како шеф-диригент на ливерпулскиот оркестар, појаснува Трпчески за Македонското радио:

Од септември Трпчески е резидентен артист на Фестивалот во Марибор, Словенија, каде што ќе одржи дури четири концерти, меѓу кои е и вечерта со Македонисимо.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.