Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве ја објави книгата „Менциј“, во превод од старокинески јазик и со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија.

Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфучиј, односно најпознатиот конфучијанец по Конфучиј. „Менциј првпат интегрално се објавувана македонски јазик, со предговор, коментари и во превод од старокинески на д-р Игор Радев. Предговорот, всушност, претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на делото на Менциј.

Делата на Меницј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“, а првпат интегрално се објавени на македонски јазик.

„Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфучиј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.

Менциј (Мѐнг Ци̌’; 372 – 289 п. н. е.) е еден од стожерните философи во кинеската историја, чиешто дело претставува вододелница во интелектуалниот живот на оваа земја. Живеел во преодот од IV и III век пред Христа, кога Кина се наоѓала поделена на многу мали држави, кои честопати биле во конфликт. Во таквите околности, дошло и до заживување на философската мисла, кога разни философи, коишто претставувале различни интелектуални школи влегувале во остри полемики меѓу себе.

За Менциј и за неговите дела, д-р Игор Радев вели:

Менциј се смета за најзначаен претставник на конфуцијанската философска школа, по влијанието веднаш зад самиот Конфуциј. Според традицијата, тој учел под покровителство на ученик на внукот на Конфуциј – Ци̌’ Сӣ’ (483 – 402 п. н. е.). Всушност, конфуцијанската историографска традиција го ословува Менциј просто како „вториот мудрец“ (ја̀ ше̄нг), каде што првото место, секако, му припаѓа на Конфуциј. Главните теми на кои се осврнува Менциј, обработени во делото епонимно наречено по него Менциј, се од областа на етиката, политиката и философската антропологија.

 

Книгата на Менциј заедно со три останати дела, коишто традиционално му се припишуваат на Конфуциј – Изреченијата (Лу́н Ју̌), Големото учење (Та̀ ‘Шјуе́) и Учењето за средишноста (Чжо̄нг Јо̄нг), го сочинуваат конфуцијанскиот книжевен канон, познат збирно како – Четирите писанија (сѝ’ шӯ) што со векови претставувал основа на кинеското високо образование. Впрочем, неговата книга била еден од задолжителните предмети, кои се полагале на државните испити (‘ке̄’ џју̌). Државните испити претставуваат една од највлијателните институции во историјата на Кина, коишто служеле како инструмент за креирање на државната администрација во земјата. Тие теоретски биле отворени за речиси сите луѓе во Кина без разлика на материјалната положба и потеклото. Главен предмет за полагање биле конфуцијанските класици, вклучително и Менциј, а кон нив биле придружени и дела од други области. Во тоа својство, философијата на Менциј извршува значително влијание не само врз развојот на културата на Кина, туку и пошироко на целиот Далечен Исток, поточно, на сите оние земји, коишто го сочинувале т.н. конфуцијански комонвелт.

Во рамките на кинеската философија, тој е познат и како учесник во споровите во врска со човечката природа, кои избиле во IV век  п. н. е. Менциј се држел до ставот дека човечката природа е изворно добра, а како доказ за тоа ја наведува појавата на инстинктивна неудобност што човек ја чувствува кога ќе биде сведок некој да претрпи повреда или да се соочи со животна опасност. Така, разликувањето на доброто и злото му е природено на човекот. Меѓутоа, доблестите присушти на човечката природа се само никулци, кои треба да се однегуваат. Таа нега, всушност, е образованието, кое дејствува како полевање или ѓубриво за фиданките на доблеста да израснат до својата полна големина. Значи, учењето не му придава на човек ништо од страна, туку само му помага да ги оствари можностите на сопствената природа. Тоа е, всушност, неговиот главен придонес и во теоријата на образованието. Злото, пак, Менциј го објаснува со незнаење или задушување на тие природни никулци на доблеста поради надворешни околности, пред сѐ, сиромаштија. Оттука, Менциј препорачува како една од целите на доброто владеење да биде и материјалната сигурност на луѓето, зашто на тој начин тие ќе можат да го избегнат опорочувањето на сопствените характери. Тоа што денес ни е познато како конфуцијанство, ни е дојдено, пред сè, преку призмата на Менциј.

Понатаму, во однос на политичката теорија, Менциј ја разработува теоријата на Конфуциј за „исправувањето на имињата“ (чжѐнг ми́нг). Во основа на теоријата за „исправување на имињата“ лежи претпоставката дека имeто, односно јазикот воопшто, е носител на некое вистинито соодветствување со стварноста. Изразено со кинеската философска терминологија, се претполага истоветноста на „името“ (ми́нг) и „суштественоста“ (ши́’). Името никогаш не е случајно, така што од особена важност е нештата да се именуваат со своите вистински имиња. Следствено, во рамките на човечката заедница имињата – „татко“, „син“, „владетел“, „поданик“ итн. во себе пренесуваат содржина, којашто го дефинира поведението на носителите на овие општествени улоги. Проблемот настанува кога се прекинува врската помеѓу „името“ (ми́нг) и „суштественоста“ (ши́’). Ако таткото не се однесува како што треба да се однесува татко, дали е тој уште татко? Ако синот не се однесува онака како што прилега на син, дали тој сѐ уште може да се смета за син? Толерирањето на појавата на такви „лажни имиња“ ја нарушува довербата во јазикот, што како последица го има и разорувањето на ткивото, коешто ги сврзува учесниците во меѓучовечките односи. Решението што се предлага е просто – „исправување на имињата“, метод кој се остварува на два различни начина: Првиот е по пат на морален напор суштественоста (ши́’) да се преобрази до степен повторно да одговара на името (ми́нг), со кое е придружена. На пример, синот, кој престанал да се однесува кон своите родители како што му личи на син, да си го поправи своето поведение до мера кога повторно во вистинска смисла на зборот би бил син. Вториот, пак, начин е да се именува со вистинско име веќе застранетата суштественост (ши́’), та следствено, да се дејствува во склад тоа ново именување. Додека Конфуциј, пред сѐ, очекувал оние што се недостојни за името што го носат да го поправат своето поведение до враќање на соодветството со името, Менциј отвора можност дури и кога станува збор за владетелот, доколку тој со своите крајно неморални постапки се отуѓил од содржината на титулата „крал“, тогаш станува дозволено тој насила да биде соборен од престолот, а тоа нема да се смета за бунт против кралот, бидејќи претходниот владетел самиот со сопствените недела се лишил од името – „крал“.

Менциј секогаш е претставен како говори во трето лице, најчесто во разговор со други личности, вообичаено владетели, но и со останати високопоставени луѓе, а исто и со други мислители, но и со некои од своите ученици. Временски, настанувањето на книгата Менциј може да се датира некаде кон средината на III век пред Христа.

Структурно, книгата е поделена на седум дела, секој од нив разделен на две поглавја, со што има вкупно четиринаесет поглавја. Поглавјата најчесто се насловени според името на главниот соговорник со кого Менциј дебатира во нив.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.