Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна го објави книгата на Ана Витанова-Рингачева „Шаманизмот во македонската народна традиција“, која претставува прва научна и културолошка книга на оваа тема во Македонија.

Оваа книга претставува адаптација на докторската дисертација на Витанова-Рингачева. „Шаманизмот во македонската народна традиција“ е научен труд со повеќеслојна структура и содржина. На крајот се објавени и фолклорисички и етнографскии прилози.

Овој труд го претставува шаманизмот како културен и религиозен феномен, во неговите основни историски и културни видови, почну­вајќи од неговата генеза, па сè до неговата рефлексија врз животот на дадена зедница, вели издавачот.

Во заклучниот текст, авторката, меѓу другото, пишува:

Шаманизмот како специфична техника на екстаза и магиска практика претставува мистичен феномен, кој подразбира екстатично патување на човекот-шаман во светот на духовите и способност за општење со светот на оностраното. Иако шаманизмот како религиозен феномен нема да се издигне на степен на религија, елементи од шаманското екстатично искуство се наоѓаат во основата на сите доминантни религии. Шаманзимот како архаична техника на екстатично патување е присутен како `преживелица` во македонската народна традиција. Фолклористичката и етнографската граѓа која беше предмет на анализа, само ја потврди тезата дека реликти од шаманизмот се препознаваат во многу слоеви од македонскиот обреден и приказничен фолклор. Истражувањето на шаманистичките елементи во наши локални рамки и разоткривањето на нивното директно влијание врз обичаите и верувањата кај македонскиот човек, покажа дека се работи за универзален обреден комплекс, вграден во човековото духовно искуство.“

Д-р Нина Анастасова Шкрињариќ, во предговорот на книгата, меѓу другото, пишува:

„Книгата претставува импозантна научно-истра­жу­вачка расправа за шаманизмот согледан како своевиден „културен остаток“ од првобитните култури, којшто опстојува во народната култура на современите народи…

Во својата богата теоретска и апликативно-аналитичка студија, д-р Ана Витанова-Рингачева докажува дека шаманизмот не е историски надминат ниту во цивилизирани околности: иако генерално им се припишува на пониските стадиуми од еволутивниот развој, оваа древна мистична практика преживеала и во цивилизираните општества каде перзистира паралелно со поразвиените религиски облици…

Витанова-Рингачева си поставува задача да ја документира и аргументира шаманската духовна практика на нашиве простори. За таа цел, таа супериорно се движи низ доменот на повеќе научни дисциплини (антропологија, компа­ра­тивна митологија, историја на религии, фолклористика и етнографија), компа­рирајќи ги ставовите на светската наука со сопствените теренски согле­дувања. Резултатот на ваквата прилично сериозна истражувачка амбиција е овој скапоцен и редок труд кој претставува функционален спој на антрополошка и фолклористичко-етнографска научна експертиза.“

Д-р Ана Витанова-Рингачева е доцент на Катедрата по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде го предава предметот Македонска народна книжевност. Дипломирала на групата Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Завршила постдипломски студии по македонистика на истоимениот факултет каде магистрирала, а докторирала на тема: Шаманизмот како „културен остаток“ во македонската народна традиција. Нејзиниот примарен интерес е насочен кон истражувања и проучувања на македонската фолклористика. Покрај тоа се занимава и со херменевтички толкувања на современата македонска книжевност. Автор е и на книгата Поетскиот дискурс во наставата и на други публикации и трудови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.