Огнен Спахиќ (1977) е црногорски писател. Студирал филозофиј и градежништво. Дебитирал со кратките раскази „Сето тоа“ во 2001 година. За романот „Хансоновите деца“ во 2005 година ја добил наградата „Меша Селимовиќ“, а за книгата „Полна глава радост“-наградата на Европската унија за литература во 2014 година. Во 2011 година ја добил и наградата „Ovid Festival Prize“ во Романија. Негов расказ бил вклучен во антологијата „Најдобра европска проза 2011“ објавена од „Далки аркајв прес“ во САД. Во 2007 година бил на писателска резиденција International Writing Program на Универзитетот во Ајова. Во 2018 година според негов расказ Бранислав Милатовиќ го снимил краткиот филм „A Head Full od Joy“ со Марко Баковиќ и Славко Штимац. Книгите му се преведени на десеттина јазици.
Во Скопје учествува на годинешниот „Букстар 2021“ и со него разговаравме за пишувањето, инспирацијата, наградите, преводите…

На отворањето на фестивалот „Букстар“ особено беше истакнато дека овој Фестивал во фокусот ги става различностите на јазикот, културите, жанровите… Какви се Вашите впечатоци?

Се чувствувам како дома. Македонија и Скопје ги доживувам како природен дел на културниот круг на кој му припаѓам и во кој постојам како писател, а со самото тоа и впечатоците кои ги имам се на нивото на моите очекувања.

Студиравте филозофија и градежништво? Како станавте писател и тоа еден од најнаградуваните? Што се случи?

Суштински не ме интересираше ниту едното, ниту другото. Тоа беа некои отстапки на реалноста, отстапки на луѓето околу мене, на родителите кои се архитекти. Положив и неколку сериозни предмети на градежништво, но пишувањето всушност беше нешто, да не бидам претенциозен, каде се гледав себе си од детството. Тој начин на израз, креирање на нови светови и реалности, е нешто што од најраната младост му припаѓаше на мојот карактер и начинот на кој гледам на светот. Така што во еден момент направив радикален рез, ги напуштив сите официјални начини на наобразба и продолжив само и исклучиво да пишувам и до ден денес не се покајав.

Добитник сте на наградата „Меша Селимовиќ“ за романот „Децата на Хансен“, наградата на Европската унија за „Глава полна радост“ и многу други…Кој е Вашиот генерален став околу наградите-дали го мотивираат писателот или носат дополнителен товар?

Живееме во, не би рекол мали, но би рекол сокриени култури. Наградите, особено оние кои се случуваат надвор од вашиот матичен простор и матичниот јазик овозможуваат книжевноста која ја создавате да биде повидлива. Самите по себе не носат никаква обврска, но наметнуваат некаков индивидуален товар. Важно е дека на наградите не смеете да им верувате. Никогаш не сум паднал во тој вид замка, бидејќи секогаш постои некој нов, некој поинаков. Зборот подобар во книжевноста не значи ништо. Начинот на кој книжевноста го претставува светот во кој живееме, за среќа, константно се менува, значи суштината е во таа промена и промената треба да се награди. Наградите се во таа смисла корисни токму за да поцртаат такви промени и да ги упатат луѓето на тоа, бидејќи јас сеуште сметам дека е важно тоа како книжевноста гледа на оваа пропаст која ја живееме.

Според Вашата приказна „Глава полна радост“ е снимен краток филм… Ви се допадна ли кога го видовте своето дело на екран?

На екранот тоа повеќе не е мое дело. Тоа е дело на режисерот кој направил едно од многуте верзии на читање на таа приказна. Неколку мои приказни се екранизирани и никогаш не сум имал било каков естетски интерес, ниту сум сакал. И тоа не го гледав како мое право да се вклучам во работата на режисерот, кој е тука низ својот визуелен талент на читателот да му предочи еден крајно субјективен вид на читање на текстот кој само бил предложен. Така што во тие филмови едноставно уживам како гледач, но секако постои една сериозна количина на возбуда кога меѓу тие ликови на големото платно ќе препознаете траги од идеите кои сте сакале да ги изнесете со самиот чин на пишување.

Вашиот роман „Под две Сонца“ е преведен на македонски јазик. Колку е важно издавачите да се одлучат да печатат дела од писатели „преку граница“?

Мислам тоа е природата на јазикот. Тоа е доказ дека граници не постојат. Јазикот е нешто што и во најтешки времиња никој не успеал да го застане. Тој вид на прелевање, преклопување, префрлање од еден облик во друг е дел од суштината на книжевната работа и важноста на книжевноста, колку и да и предвидуваат скора смрт, книжевноста нема да замине во таа темна ноќ. Секогаш се чуствувам возбудено кога во рацете држам превод на својата книга, без оглед за кој јазик станува збор, бидејќи тоа ми овозможува за миг да се чувствувам како некој друг, како некој подобар кој постои во некој паралелен универзум, на други места.

Мошне често говорите за „малиот, каллив балкански Вавилон“. Дали се уште постои таа синтагма? Колку овој балкански простор Ве одбележа како писател?

Од една страна таа реалност која ја живееме на Балканот е неизбежна, а од друга страна растев и како мошне вреден читател. Дури верувам дека мојот читачки талент е многу посериозен од писателскиот, кој можеби го поседувам. Како што поминуваат годините се повеќе ми се допаѓа тој Вавилон на кој на Балканот инсистираме со четири различни имиња на еден јазик и тие два придружени полубраќа- словенечките и македонските, кои се секогаш тука некаде во близина. За среќа ја имам таа привилегија моите книги да бидат објавени во сите тие држави и на сите тие јазици, вклучувајќи го и албанскиот, така што во овој миг не ми преостанува ништо друго освен да уживам во себе како легитимен државјанин на Вавилонската Балканска Република.

Како пишувате, како ве наоѓаат приказните, каков е Вашиот процес на пишување?

Уште на самиот почеток беше јасна една работа-процесот на пишување е пропорционален со мојата страст на читање. Така што читам стихиски, а стихиски и пишувам. Првите траги на возбуда кои ги чувствував создавајќи потенцијално книжевно дело се состоеја буквално од фактот дека јас навистина не знаев што ќе биде тоа што го пишувам. Јазикот е тој што генерира значења, ако со јазикот добро владеете, што денеска е редок случај, бидејќи се потешко е да најдете човек кој, било на македонски или на црногорски, знае да изговори една убава простопроширена реченица. Многу често помислувам на тоа дека за педесет години сите ќе говориме со некаква комбинација од знаковен јазик. Така што тој притисок и комплексноста на јазикот, условува што ќе се случува на хартијата и јазикот сам со себе го креира светот од кој јас имам само скици или некои благи, далечни претстави во главата. Она што секогаш ми било интересно кај пишувањето е тоа што крајот на се она што го работев се случуваше спонтано. Едноставно ставате точка и јасно ви е дека после тоа мора да остане една голема бела празнина, дека самиот текст отишол од вашите раце и дека сега е на читателите сами да оценат и да бараат значења за кои вие можеби не сте ни свесни.

Колку значи во пишувањето кога човекот ќе се одвои од сопствената средина?

Ако мислите на топонимијата или географијата која се случува во мојата проза, мислам дека никогаш не била пресудно важна ниту доминантна. Човечкиот карактер има универзално значење, него го формираат мошне сложени, но истовремено едноставни фактори. Она што е во текстот кој сакам да го прикажам најважно е тоа да се почувствува емоцијата која сакате да ја насликате на хартија. Без тоа, како што велеше Киш само ја трошите хартијата. Правите еколошки проблем.

Кратки приказни или роман? Што ви е поинтересно како жанр?

Тоа се два различни изрази. Всушност, честопати кога седам на компјутер верувајќи дека пишувам роман, ќе излезе дека тоа всушност е кратка приказна која мора да застане во еден момент. Исто така и неколку мои романи настанаа низ идеите за кратки приказни. Кратките приказни се многу интересен жанр, бидејќи тука е најбавните промени. По брилијантниот Чехов, Карвер или Џон Чивер, во тој жанр не се променило многу. Кога пишувате кратка приказна и тоа е интересно, дека таа може да биде или лоша или добра. Тука нема средина. Создава огромен простор за грешки. Еден опасен и возбудлив жанр на кој сигурно ќе му се вратам во некој момент.

Кажете ни нешто повеќе како препорака за Вашиот роман кој е преведен на македонски јазик?

Тоа е мој прв роман кој јасно фокусира некои граници на омеѓена територија. Дејствието се случува на прагот на распадот на поранешна Југославија, главниот протагонист е капетан прва класа кој поради одредени околности заминува во пензија. Всушност тој е пензиониран по казна бидејќи одбил да оди на боиштето на Дубровник. Во светилникот во заливот Валданос го поминува остатокот од животот и размислува за се лошо или потенцијално добро што направил. Нему животот му е помрачен до крај, но го поминува на тоа место кое зрачи светлина и го покажува патот. Тој сам е изгубен до темел, лажно се претставува дури и себе си. „Под две сонца“ всушност го покажува тој дуалитет кој секој од нас помалку- или повеќе е подготвен да им прикаже на другите, бидејќи не постои човек кој во еден момент во животот не помислил дека е некој друг или дури и лажно да се претстави. Тоа е една кратка повест раскажана низ гласовите на четирите протагонисти-светилничарот, поранешен офицер, неговата сопруга и еден млад брачен пар кој се сретнува со нив на тоа проколнато место. Тие се обидуваат да направат некаква комуникација, но генерацискиот јаз и патријархатот очигледно ќе покажат дека тоа е некакво криво сраснување кое на крајот завршува со епска трагедија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.