„Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија.“ Со овој стих на великанот Ацо Шопов, објавен пред четириесет и три години, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, го започна своето обраќање вчера на свеченото отворање на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ. Таа напомена дека овој стих се чини ја одразува смислата на Школата, која годинава е во чест на Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање.

Во сето време досега, токму странските македонисти и слависти се оние што овозможија во една убава смисла да се остварува идејата дека „светот е судбина на Македонија“ – преку нивните беспоштедни заложби македонскиот збор да се чуе и разбере во странските културни средини. И тоа дури и во мигови кога, како што би рекол Шопов, и ние почувствувавме дека „во Македонија / се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, / а светот е бремен од проблемите на Македонија“. Но и дека „Македонија ја дели судбината на светот, / а светот се судира со безброј македонски судбини.“ Ама во исто време, преку нивната решеност да се посветат на македонистиката и таа за нив да е животна определба, и нашата татковина постана судбина на светот, затоа што заложбите на странските македонисти и слависти се остваруваат не само во рамките на универзитетските центри и на меѓународната научна сцена туку и воопшто преку афирмација на македонскиот збор и македонската мисла низ светот – напомена Мојсова-Чепишевска.

Своето обраќање таа им го посвети и им го упати ним – на странските македонисти и слависти што се учесници на Школата.

Денес, преку оваа Трета зимска школа, и навистина сиот свет е застанат во оваа мала грутка земја, која ние ја чувствуваме како наша татковина. Затоа што денес, виртуелно, но и духовно, со мисла и со збор, сплотени во определбата и желбата да ги изучувате македонскиот јазик, литература и култура, сите вие од Европа, Америка, Азија и Австралија сте овде, на југ, во неговата и наша, ама уверена сум, веќе и ваша Македонија. Посакувам во следните шест дена, преку наставата што ќе ви ја овозможиме, уште повеќе да ја засакате и уште подобро да ја запознаете, онака како што ја доживувате вие, со сета ваша страст за македонистиката што ве доведе на оваа Школа, но и онака како што ја доживуваше Шопов – со старите паметници на културата, со сета разновидност, со сите богатства, длабочини, патишта и судбини – им порача Мојсова-Чепишевска на учесниците на Школата.

На свеченото отворање на Школата се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, под чие покровителство се остварува националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, како и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.