Екипата на „МакеДокс“ сними и објави две видеохроники од втората етапа на Патувачкото кино, која се одвиваше во регионот на Преспа. Патувачкото кино е нераздвоен дел од фестивалот „МакеДокс“ и на проекциите се прикажуваат филмови од фестивалската селекција, но и филмови кои се од интерес на локалната заедница каде што гостува екипата на „МакеДокс“, а со цел децентрализација на културата.

Годинава, во своето 13-то издание, Патувачкото кино беше поделено во две етапи. Првата се одржа од 18 до 23 јули во струмичките села, додека втората етапа се реализираше во регионот на Преспа со четири проекции на документарни филмови од 13 до 17 септември 2022 година, и тоа во Ресен, с. Дрмени, с. Лавци и с. Подмочани.

Целта на заминувањето на Патувачкото кино во областа на Преспа беше да се опипа пулсот на населението, особено во однос на културните случувања, во овој, речиси, во секоја смисла девастиран дел од Македонија. Проекцијата во Ресен се одржа во дворот на прекрасниот објект на Сарајот, каде е сместен Домот на култура „Драги Тозија“. Директорот на Домот, Васко Василевски, пресмета дека киносалата работела пред околу 25-26 години. Додаде и дека во помалите места е тешко да се работи во областа на културата, бидејќи и кога имаат програма во Домот доаѓа многу малку публика. Во Ресен екипата на „МакеДокс“ се сретна и со професорката во пензија, Наде Проева, која покрај гостопримството објасни зошто доаѓа во родната куќа само летно време, а пензионерските денови ги поминува во Скопје.

Во Скопје се сите претстави, и предавања, и промоции на книги, и концерти, а во Ресен не се случува ништо дури ни во летниот период – истакна Проева.

Селото Дрмени беше втората станица на патувањето низ Преспа. Таму архитектот во пензија Тодор Мушаревски објасни како селото се симнувало надолу од планината како што езерото го повлекувало брегот. Така, селото има и стара и нова локација. Тој се потсети и дека некогаш во селото имале Дом на култура каде имало игранки. Во рамките на Домот работела играорна група која настапувала и на Телевизија Скопје. Во Дрмени се потсетија дека кога имало кино во селото Царев Двор, кинооператорот бил од нивното село Дрмени.

Втората видеохроника на Патувачкото кино во Преспа ги опфаќа импресиите од селата Лавци и Подмочани. Во Лавци оџата на селската џамија и Муфтија на преспанскиот регион, Џунејт Јашар, објасни дека тоа е едно од најстарите села во таа област. Селото се наоѓа западно од Ресен. Преданијата кажуваат дека старата џамија, или „Горна џамија“ е направена во 1468 година, а за населението се претпоставува дека е дојдено заедно со Османлиите. Сега селото е населено со Македонци и Турци, кои се повеќе на број, а сите живеат во хармонија. Во селото никогаш немале кино, но пред 60-ина години доаѓале патувачки кина и имало проекции во старото училиште.

Селото Подмочани е печалбарско село, објасни професорката Јагода Митревска, а на печалба најмногу се одело во почетокот на 20-иот век. Етимологијата за името на селото е поврзана со неговото создавање. Претпоставките се дека постоело пред Отоманската империја, но било сместено повисоко на планината. Кога селото почнало да се спушта надолу, во таа околина имало многу мочуришта. Името настанало како кованицата на „под“ и „мочуриште“, а денес познато како Подмочани. Во селото имало голем број револуционери и во Илинденскиот период и во Втората светска војна, а во денешно време е познато како родно место на познати професори, доктори, новинари. Некои од печалбарите што се вратиле дома вложуваат во развојот на селото. Затоа велат дека е урбано село во кое живеат околу 300 постојани жители. Бидејќи се наоѓа на регионалниот пат од Ресен кон Маркова Нога, селото е доста прометно. Местоположбата му е убава, бидејќи е блиску до два убави градови, Охрид и Битола, а се наоѓа на брегот на Преспанското езеро.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија и Националната фондација за демократија од Вашингтон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.