Минатиот викенд, од 23 до 25 септемри, во НВО Инфоцентарот и во џебното кино на МКЦ, се одржа обука за користење на документарни филмови како алатка во образовните процеси. На обуката беа присутни единаесет наставници по социологија и граѓанско образование, кои предаваат на македонски, албански и турски наставен јазик во средни училишта од неколку градови од Македонија.

Обуката се одржа под водство на Сашо Н. Алушевски од „МакеДокс“ и Надица Таневска – Јанева, професорка по социологија и граѓанско образование и долгогодишна соработничка на „МакеДокс“ во образовните проекти.

Образовната програма на „МакеДокс“ долги години е присутна во формалното образование кај нас, токму со неколкуте прирачници за користење на документарен филм како современа и ангажирана алатка во образованието.

Новитет на оваа обука е тоа што наставниците самостојно креираа модел лекции соодветни на годишните наставни содржини по наведените предмети, врз основа на претходно избрани документарни филмови, кои би биле сместени во нов прирачник, како и тоа што за првпат во овој прирачник ќе бидат внесени два документарни филма изработени од „Докуникулци“ – школата за млади документаристи на „МакеДокс“.

Обуката и подготовката на прирачниците се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон (NED).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.